Поранешниот премиер Никола Груевски, во ексклузивно интервју за српска „Политика“, тврди дека многумина во Македонија се плашат од евентуално негово враќање во земјава.
„Мојот политички прогон трае со ист интензитет како и во минатите шест-седум години. Најголемо влијание во Обвинителството, судството и медиумите и понатаму има Зоран Заев, кој е неуморно посветен на мојот и прогонот на моите поранешни соработници. Заев се ангажираше кај судиите, обвинителите, и медиумите, некаде врши лично и политичко влијание, некаде финансиско, воедно контролира и голем дел од пратениицте на СДСМ. Покрај опсесивната посветеност на мојот случај, со иста енергија е посветен на инвестирање во странство на неговите нечесно заработени пари и зголемување на неговото богатство во работите кои ги контролира во Македонија, во енергетскиот сектор, производството на марихуана, градежништвото…“, вели Груевски.
Тој ги потврди обвинувањата дека постои соработка меѓу Заев и опозицискиот лидер Мицкоски.
„Стојам зад тие изјави. Во меѓувреме стаса и јавна потврда од министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски, за соработката меѓу Заев и Мицкоски, кога во интервју за македонски медиум истакна дека Заев на партиски состанок во седиштето на СДСМ го запознал раководството на партијата за содржината на разговорите со Мицкоски. Значи, тоа веќе не е тајна, ниту непроверена информација. За жал, наместо да се бори да го порази Заев на политичката сцена и да помогне во запирање на неправдата која преку политички прогон ни е спроведена мене и на моите поранешни соработници, Мицкоски стана најголем сојузник со оној кој го креираше и диктира тој политички прогон. Заев направи непроценлива штета на Македонија, особено неговите ставови во врска со националните прашања“
– Знаејќи ги јавно изнесените ставови на Заев дека ние и Бугарите сме ист народ, што го изјави во интервју за бугарски медиум, а тоа македонската јавност го виде, се прашувам што следи за Македонија по изборите следната година ако тој и понатаму го држи во заложништво лидерот на опозицијата.
Запрашан како ќе се заврши ситуацијата во врска со неговиот политички прогон, Груевски одговара:
– Сите овие, или вакви, политички прогони, порано или подоцна паѓаат на еден или на друг начин. Меѓутоа, некои недоволно зрели политичари во Македонија тоа не го сфаќаат и мислат дека вечно ќе бидат моќни и дека вечно ќе можат да ги држат институциите заробени во своите канџи. Во овој момент имаме огромен ангажман на моќници во македонската полиитка за тоа да не се случи брзо, пред се поради нивниот личен интерес и страв.