На Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје Денеска се реализира несекојдневен чин на храбост и човекољубие, кога млад семеен лекар донираше хематопоетски матични клетки со кој ќе спаси живот на пациент кој се соочува со тешка малигна хематолошка болест, а трансплантацијата на матичните клетки е единствената терапевтска опција.
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска ја посети донорката на матични клетки, млада девојка, воедно и докторка, на која ѝ се заблагодари на извонредната храброст и несебична посветеност да спаси туѓ живот.
– Нејзиниот чин на хуманост и солидарност е надеж, потсетувајќи нè на моќта на заедницата и љубезноста во моментите кога тоа е најпотребно. Им честитам и на колегите од Клиниката за хематологија кои ја практикуваат оваа современа метода во медицината со која еден човек има шанса за нов почеток – изјави министерот Меџити.
Директорката на клиниката за хематологија изјави дека станува збор за редок пример, донорот на матични клетки и пациентот кој треба да ги прими да не се во роднинска врска, ниту се познаваат, а нивните клетки да се совпаѓаат.
– Денешниот чин на докторката е уште еден чекор до задоволството да се биде лекар и да се спасуваат животите на луѓето. Младата докторка која е донор на матичните клетки, во Македонскиот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина при Институтот за имунологија и хумана генетикиа, се пријавила уште кога била студент по медицина, а минатиот месец беше идентификувана како евентуален донор. Не се двоумеше ниту миг, веднаш се согласи да му даде шана за живот на пациент кој не го познава, а боледува од акутна леукемија – изјави д-р Ирина Пановска Ставридис.