Русија ја повлекува ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (ЦТБТ) изјави денеска претседателот на Долниот дом на рускиот Парламент Вјачеслав Володин.
Тој рече дека Русија се одлучила на овој чекор „поради неодговорниот однос на САД кон глобалната безбедност“.
– Поради безбедноста на нашата земја ја повлекуваме ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарните тестови – истакна Володин пред расправата и гласањето за отповикување на ратификацијата.
Володин потенцира дека Русија го ратификувала Договорот во 2000 година, додека Вашингтон не го направил тоа поради својот „неодговорен однос кон глобалните безбедносни прашања“.
– Руската Федерација ќе направи се за да ги заштити своите граѓани и да ја одржи глобалната стратешка еднаквост, додаде Володин.
Русија ја повлекува ратификацијата, но ќе остане потписник и ќе продолжи да соработува со ко-потписничките и со глобалниот систем за мониторинг, кој го предупредува светот за секое тестирање.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг минатата недела најави дека алијансата ќе одржи голема нуклеарна вежба оваа недела, како одговор на руското повлекување од договорот за забрана на нуклеарни тестови.
Јенс Столтенберг изјави дека вежбите ќе обезбедат „кредибилитет, ефикасност и безбедност на нашиот нуклеарен арсенал и ќе испратат јасна порака дека НАТО ќе ги заштити сите свои сојузници“.
Тој додаде дека руската инвазија на Украина е потсетник на важната улога што нуклеарното оружје на НАТО ја игра во одвраќањето на потенцијалната агресија.
Претседателот на Русија Владимир Путин во своето обраќање до Федералното собрание на Руската Федерација на 21 февруари годинава, рече дека Русија нема да биде прва што ќе изврши нуклеарни проби, но ќе го направи тоа, само ако САД први го направат овој чекор.