Српската премиерка Ана Брнабиќ обди да се фотографира со учесниците на самитот на Берлинскиот процес што се одржува во Тирана, пренесуваат албанските медиуми. Таа им се придружила на учесниците дури откако почнал настапот на фолклорните групи на малцинствата, меѓу кои освен ансамбли од Косово имало и групи од македонската, српската, ромската и грчката заедница во Албанија. Настапот траел час и 20 минути.
Медиумите коментираат дека со ова Брнабиќ ја проследи постапката на шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, кога тој пред една недела одби да се фотографира на форумот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес, бидејќи на форумот беше истакнато знамето на Косово.
Брнабиќ исто така имала студено и протоколарно поздравување со албанскиот претседател Еди Рама. Кога новинарите ја прашаа зошто, таа рече дека не може посредечно да се поздрави со човекот кој, како што рече, повикал да се воведат санкции на Србија.
– Се надевам дека денес во текот на денот ќе разговараме повеќе за тоа, и малку разговаравме за да го разјасниме. Сакаме најдобри можни односи со Албанија, како и со сите во регионот. Никогаш не сте само политичар, понекогаш сте исто така човечко суштество. И јас така се чувствувам. Не сум среќна, не знам зошто го направи тоа, нема никаква смисла, не е во согласност со добрососедските односи или во склад со она што тоа го правиме како дел од иницијативата Отворен Балкан – рече Брнабиќ.
Таа посочи дека Србија не направила ништо за некој да се јави и да побара воведување санкции.
– Не го разбирам тој негов гест, така се чувствувам, не можам да се воздржам. Не треба да се сфаќа лично. Тука сум, разговаравме и ќе разговараме понатаму. Секогаш сум отворена за најдобри можни односи со албанските институции и да продолжиме со реализација на проектите што почнавме да ги реализираме – заклучи српската премиерка.