More

    Граѓаните негодуваат дека и покрај намалените цени на брашното, маслото и другите производи, во бурекџилниците сè уште купуваат бели печива по високи цени

    spot_img

    Граѓаните негодуваат дека и покрај намалените цени на брашното, маслото и другите производи, во бурекџилниците сè уште купуваат бели печива по високи цени.

    Од пекарската индустрија објаснуваат дека секојдневно нивните трошоците за производство растат, па нема можност цените на нивните производи да се намалат. Според нив, проблем е и цената на работната рака, недостигот на работници, а ако продолжи трендот на зголемување на цената на нафтата и другите енергенси, кои се користат во индустријата ќе растат и цените на суровините и на пекарските производи.

    Граѓаните кои секојдневно купуваат бурек и бели печива коментираат дека цените на овие производи се високи, а не ги намали ниту владината акција за гарантирани цени.

    – Брашното е поевтино, маслото за јадење исто, а нашите бурекџилници никако да ги намалат цените на бурекот и белите печива. Никогаш еден ѓеврек не чинел колку и килограм брашно. Еве споредба брашно има и за 27 денари килограм-Битолското, и за 35 денари – Воденичар, или за 39 денари – Кадино. И маслото поевтине, го има и за 100 денари, ама ѓеврекот го купувам секое утро за 40 денари. Навистина го има и за  30 денари оној обичниот, но тоа е колку половина или килограм брашно. Да не зборуваме за бурекот или баничките и тие држат цена и се продаваат зависоно од филот од 60 до 80 денари четврт. Па има ли инспектори да проверат каде одат цените во бурекџилниците – вели скопјанин.

    Слични коментари за цените на пекарските производи има и на социјалните мрежи.

    „Повторно Брашното е 25 денари. Зејтинот 60 денари. Се најде ли некој еснаф пекар што ги намали цените на бурекот и печивата? Никогаш цената на ѓеврекот не била колку еден килограм брашно. Три дена никој да не им влезе во дуќан ќе видите како можело бурекот да биде 50 денари и ѓеврекот 15“, коментира граѓанин во група на Фејсбук.

    Од мелничко пекарската индустрија појаснуваат дека цените на пекарските производи се повисоки бидејќи трошоците за производство се пораснати во изминатиот период. Тие велат дека поскапеле другите суровини за производство, цената на работната рака, а голем удел во цената има и зголемената цена на енергенсите и транспортот.

    – Пекарите не можат да размислуваат за намалување на цената на производите бидејќи нивните трошоци се драстично зголемени. Проблемот на пекарската индустрија е тоа што најголемиот број од нив се мали компании каде што процесот оди рачно, а има недостиг од мајстори пекари, па се принудени за да ги задржат да ги плаќаат поскапо. Згора на тоа цената на нафтата која се користи во производство, но и за транспорт ги зголеми трошоците за 100%. Истовремено се зголемија и цените на месото и млечните производи кои ги користат во производството, како и додатоците, сусамот и друго што секако влијае на крајната цена на производот. Значи во крајната цена на бурекот или ѓеврекот не влегува само брашното и маслото за јадење, туку и низа други производи и работната рака. Сето ова говори дека и да сакаат пекарниците не можат да ги намалат цените на производите – вели Горан Малишиќ, претседател на здружението на мелничко-пекарската индустрија на Стопанската комора.

    Според него, доколку цените на енергенсите растат, што веќе е видливо поради војната во Израел, тоа ќе влијае и на цената на суровините во мелничко-пекарската индустрија, па неминовно ќе биде и цените на брашното и пекарските производи да растат.

    – Цените на суровините сега на светските берзи сè уште се стабилни, но секој конфликт, како и овој последниот во Израел, влијае на берзите и ако потрае ќе значи зголемување на цената на пченицата, а со тоа и на брашното и пекарските производи. Поради конфликтот, но и поради доаѓањето на зимата секојдневно расте и цената на нафтата и другите енергенси кои се голем трошок во оваа индустрија бидејќи се користат во процесот на производство и за транспорт. Само транспортот во оваа индустрија се зголеми за 100% што не е мал трошок, а ако нафтата достигне цена од 150 долари за барел како што се предвидува, состојбата ќе стане уште подраматична. Сега засега цените се стабилни и на нашите крајни производи – брашното и пекарските производи, но доколку на пазарот и конкуренцијата од регионот за брашното се променат, ќе растат и нашите цени – вели Малишиќ.

    Тој смета дека владата треба да ја следи состојбата и во одреден момент да ја помогне оваа индустрија, за да опстанат фирмите, а граѓаните да не јадат поскапи производи.

    – Доколку владата планира и натаму да ги чува замрзнати цените на овие производи, тоа ќе значи пропаѓање на голем број мелници и мали пекарници. За да не се случи вакво сценарио владата ќе мора да изнајде начин да ја помогне индустријата за да опстане. Ова го говорам и од причини што најголемиот дел од компаниите во оваа индустрија, поради ниските цени на производите се на работ на профитабилност или се во загуба. Таквата состојба не може да трае долго, па ќе има или зголемени цени на производите или ќе се затвораат компаниите – вели тој.

    Речиси  85% од пазарот на бели печива во земјава покриваат малите пекарници.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img