Директорот на Државниот градежен инспекторат Фатмир Арифи, за кого Државната комисија за спречување корупција неодамна побара разрешување и кривична одговорност, освен што стекнал два стана и возило, кои не може да го оправда со заработените пари за време на вршењето на функцијата, на свое име поседува уште пет стана и четири куќи, сите во Скопје, покажува неговиот анкетен лист за имотната состојба, депониран во ДКСК.
Покрај овие станови и куќи, Арифи навел дека уште две куќи поседува неговата сопруга, а еден стан неговиот син. Сите шест куќи и шест станови, наведени во неговиот анкетен лист, се наоѓаат во Скопје, сите се стекнати со купопродажни договори и ниту еден имот не е наследен. Куќите и становите ги има од најмали до најголеми, од гарсониери од 30-тина квадратни метри, па се до куќа со 1.167 квадратни метри станбен простор, а друга од 571 квадратни метри.
Исто така, како личен имот Фатмир Арифи, навел дека поседува пет моторни возила, ауди, мерцедес, чироки џип, пежо партнер, и голф, во различна вреднос и година на производство. Освен имотот, Арифи има кредит од 14,1 милиони денари кој треба да го враќа до 2030 година.
Државната комисија за спречување на корупцијата неодамна побара обвинителството да поведе кривична постапка за Арифи, а владата да го разреши од функцијата.
– По анализата на податоците од соодветните институции забележани се разлики во податоците внесени во анкетниот лист и податоците добиени од Агенцијата за катастар и недвижности во делот на недвижниот имот, поатоците од МВР во делот за моторни возила и Централниот регистар и тоа не е пријавен стан во сопственост на Фатмир Арифи во Чаир, не е пријавен стан во Железара, не е пријавен Форд кој го купил во 2021 година по цена од 18 000 евра. Со цел да се утврди фактичката постапка, ДКСК го повика лицето на разговор, во разговорот беше побарано да се произнесе во врска со констатираните разлики во податоците до анкетниот лист и надлежните институции. Тој одговори дека се занимава со продажба на автомобили и дека едниот стан го стекнал со размена на автомобил со стан и тврдење дека за тоа има договор заверен на нотар. Од увидот во податоците во банките и другите финансиски институции во нашата држава за именуваниот и неговите членови од семејството со кое живее, произлегува дека именуваниот освен редовните примања по основ на плата не остварува дополнителни приходи, а имајќи предвид дека истиот не достави докази за основот и потеклото на средствата за стекнување на становите и возилото не се докажа дека наведениот имот е стекнат како резултат на примања кои се пријавени и оданочени – информира Билјана Ивановска претседателка на ДКСК.
Членовите на комисијата утврдија основ за сомневање за сторено кривично дело од Кривичниот законик
– Ако во постапката за испитување на имотот и имотната состојба не се докаже дека имотот е стекнат и зголемен како резултат на примања што се пријавени против лицето за кое се водело таа постапка поднесуваме иницијатива за поткренување кривична пријава до Основното јавно обвинителство, исто така и до органот кој го именувал на функцијата директор, односно до Владата на РСМ предлагам да се достави иницијатива за одговорност и разрешување, бидејќи како директор на Државен инспекторат за градежништво да стекнува имот по пат на бесправно изградени објекти не е во ред – истакна Ивановска.