Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека очекуваната израелска копнена офанзива на Појасот Газа ќе доведе до „неподносливи“ цивилни жртви.
– Употребата на тешка машинерија во станбени области е сложена работа полна со сериозни последици и што е најважно, цивилните жртви ќе бидат апсолутно неподносливи – рече Путин во телевизиското обраќање.
Тој оцени дека сега е најважно да се запре крвопролевањето и додаде дека неговата земја е „подготвена да соработува со конструктивни партнери“, пренесе АФП.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар за одбрана Лојд Остин изрази поддршка за Израел истакнувајќи дека на многу начини „терористичката организација Хамас е полоша од Исламската држава (ИД)“.
– Ние сме тука со вас премиере и како што рече претседателот Џозеф Бајден, „ви чуваме грб“ – рече Остин на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Тел Авив.
Тој денеска пристигна во Тел Авив за да се сретне со високи израелски владини претставници и од прва рака да го види оружјето и безбедносната помош што САД брзо му ја доставија на Израел во првата недела од последната војна против Хамас.
– Ова е ужасна недела, одвратни се потезите на таа терористичка група.Како што знаете, јас бев тој што првично ја организираше кампањата на ИД, а знам многу за Исламската држава, но ова е полошо од она што го видов со ИД – рече високиот американски претставник.
Тој е вториот висок функционер по американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој го посети Израел во изминатите два дена.