Граѓаните да бидат спокојни, радијаторите ќе бидат топли, парно ќе има. Компаниите формирани од страна на акционерското друштвото АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје, порачува помошник директорот за топлина на АД ЕСМ Александра Маројевиќ во интервју за МИА.
Таа нагласува дека ЕСМ во изминатиот период во целост го заврши отстранувањето на опожарениот топловод на мостот „Беласица“, а новите топловодни цевки се веќе пренесени на локација и додава дека се во постојана комуникација со Град Скопје, бидејќи мостот е под надлежност на градот.
– Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО, вели Маројевиќ во интервјуто за МИА.
Маројевиќ вели дека компаниите формирани од страна на акционерското друштвото АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје.
Од вкупно 63.000 потрошувачи (домаќинства, деловни објекти и институции), 61.000 се снабдуваат со топлинска енергија преку новоформираните фирми на ЕСМ за Производство, Дистрибуција и Снабдување, додека 2.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика.
Таа вели дека од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни за да се обезбеди навремена и квалитетна испорака на топлинската енергија.
– Токму затоа ЕСМ во изминатите денови неколку пати апелираше до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона. Во моментов во 225 колективни станбени објекти сè уште не се обезбедени потребните услови, односно имаат дефекти во внатрешна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици – додава Маројевиќ
Во врска со опожарениот мост „Беласица, ЕСМ е во постојана комуникација со Град Скопје, бидејќи мостот е под надлежност на градот.
– Во изминатиот период во целост го завршивме отстранувањето на опожарениот топловод на мостот „Беласица“ а новите топловодни цевки се веќе пренесени на локацијата. Поставувањето на новите цевки и подготовката на мостот за нивна монтажа е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа. Очекувам дека набрзо ќе започнат и активностите на терен и ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО. Граѓаните да бидат спокојни, радијаторите ќе бидат топли, парно ќе има – вели помошник директорот за топлина на АД ЕСМ Александра Маројевиќ.
фото: МИА