More

    Велешанка сведочи како стасала од Палестина до дома

    spot_img

    Велешанката Ѓурѓа Рушкова и нејзиниот син во средата беа евакуирани од Израел со лет до Атина. Тие биле дел од групата 50 верници од различни држави кои биле на аџилак. Таа за МИА со наплив на емоции ја раскажува голготата низ која поминале со нејзиниот син за да се вратат дома, откако се случи конфликтот на Блискиот Исток.

    -Кога првпат пукна ние се наоѓавме во хотел во Витлеем, тоа е во палестинскиот дел. Појадувавме, сите бевме во ресторанот и наеднаш се слушнаа бомби. Ние бевме група од 50 верници на аџилак, кои требаше да бидеме 11 дена во Израел, да ги посетиме светите места во Израел. И кога на појадок слушнавме две гранати, бомби, се чудевме што нѐ снајде ги прашуваме келнерите околу нас, и тие ни рекоа дека сѐ е во ред и да не се грижиме, меѓутоа нешто навистина се случуваше – вели таа.

    Потоа им кажале дека имало некаков напад.

    – После појадокот требаше да одиме во Ерусалим, но возачот кој секој ден нѐ земаше со автобус, ни јави дека не може да влезе затоа што границата е затворена. Ерусалим и Палестина имаат граница каде што има вооружена војска. За да се влезе во палестинскиот дел се поминува граница, се проверуваат легитимации – раскажува таа.

    По бомбардирањето, останале два дена во Витлеем. Биле информирани дека има војна, биле советувани да не се плашат и дека за кратко ќе можат да го продолжат патувањето.

    Во меѓувреме сфатиле дека се случува нешто посериозно и им било кажано да ги контактираат матичните земји. Биле советувани да го напуштат Витлеем.

    Откако почнало бомбардирањето, бензиските пумпи се затвориле, а сопствениците на хотелот им кажале да очекуваат во секој момент да снема вода и струја.

    По два дена успеале да го напуштат Витлеем со помош на нивниот возач на автобусот, кој издејствувал да ја отворат границата и тие да излезат од палестинскиот дел. Се сместиле во хотел во стариот дел на Ерусалим.

    – Таму стана уште посериозно. Само што влеговме во новиот хотел, се качивме горе на покривот каде имаше ресторан, седнавме и наеднаш сирените почнаа свират. Моравме да се евакуираме, затоа што се очекуваше напад. Откако дојдовме во Ерусалим, тоа беше секојдневие. Ќе слушневме сирени и моравме веднаш да одиме во лобито. Тоа беше голем хотел од седум ката, преполн со луѓе и сите се стискавме во една просторија – раскажува Рушкова.

    Биле советувани да не излегуваат надвор од хотелот, каде останале два дена.

    – Сѐ беше откажано од авионските компании. Ја контактиравме израелската полиција дали е безбедно да одиме во Јордан. Тоа ни беше најблиска локација каде што би можеле да излеземе. Но, ни кажаа дека претходното утро британски туристи биле нападнати пред преминот на Јордан и нѐ советуваа да не одиме кон Јордан – вели таа.

    Во меѓувреме, контактирале со македонската амбасада во Тел Авив и прашале за евакуација.

    Бидејќи веќе не можеле да ја издржат неизвесноста, на сопствена одговорност решиле заедно со уште пет жени да го напуштат хотелот и со такси се упатиле кон аеродромот во Тел Авив.

    – Кога отидовме таму што да видиме, маса од народ, преполно туристи. Не се знаеше што се случува. Ги информирав во македонската амбасада дека јас и мојот син сме на аеродромот во Тел Авив и ако има план за евакуација да нѐ контактираат. Купив две авионски карти, за две различни дестинации само за да можеме да излеземе од Ерусалим. Летовите се откажуваа постојано… Имавме купено карти за Јордан, но и тоа пропадна – вели таа.

    Ѓурѓа е мошне благодарна до македонската Амбасада во Тел Авив што не ги заборавиле.

    – На аеродромот имаше можност да ве стават во кој било авион и да си купите карта. Ние чекавме четири часа. Додека чекавме ми се јавија од македонската амбасада во Тел Авив и ме информираа дека има лет за Атина. Ни олесна – вели Рушкова.

    Во Атина биле пречекани од претставници од македонската амбасада кои ги одвеле на автобуска станица.

    -Нѐ качија во автобус до Солун. Таму нѐ пречека конзулот на нашата земја и со неговиот автомобил нѐ донесе до граница. Таму нѐ пречека лице од МНР, кој нѐ донесе во Велес – додава таа.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img