Либан ќе упати остар протест против Израел пред Советот за безбедност на ОН, соопшти вршителот на должноста либански премиер Наџиб Микати.
– Либан е во окото на бурата и е длабоко вознемирен од она што се случува долж неговата јужна граница, што е резултат на повторените израелски провокации и постојаното израелско кршење на резолуцијата 1701 на ОН – рече Микати.
Вчера либанското шиитско движење Хезболах соопшти дека истрелало ракети кон Израел. Израелската војска информираше дека одговорила на тие напади со напад на набљудувачка станица на Хезболах во јужен Либан, паралелно со нејзините напади врз палестинското движење Хамас во Газа.
Велика Британија денеска соопшти дека ќе испрати авиони за набљудување и два брода на Кралската морнарица во источниот Медитеран „како поддршка на Израел, зајакнување на регионалната стабилност и спречување на ескалација“.
„Авионите за поморска патрола и надзор ќе почнат да летаат во регионот од утре „за да ги следат заканите за регионалната стабилност како што е трансферот на оружје на терористичките групи“ – соопшти Кабинетот на британскиот премиерот Риши Сунак.
„Распоредувањето на нашата војска од светска класа ќе ги поддржи напорите за обезбедување регионална стабилност и спречување на понатамошна ескалација“ – изјави Сунак.
Британскиот премиер се очекува утре да разговара со северноевропските лидери за ситуацијата во Израел на самит во Шведска.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека утре ќе има средба со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, откако денеска Израел го посети државниот секретар на САД Ентони Блинкен.
Турција денеска ги повика „влијателните актери во регионот“ да ги намалат тензиите.
– Не сакаме конфликтите да се шират во нашиот регион. Наместо слепо да поддржуваме некого, ги повикуваме влијателните актери во регионот да ги намалат тензиите – изјави претседателот Реџеп Тајип Ердоган денеска во Анкара.
Турскиот лидер истакна дека исклучувањето на струја, вода, гориво и храна за два милиони луѓе во Газа не е ниту хумано ниту има место во законите на војната.
Како дел од дипломатските напори за намалување на тензиите околу конфликтот на Блискиот германскиот канцелар Олаф Шолц денеска одржа средба со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, еден од најистакнатите поддржувачи на радикалното палестинско движење „Хамас“. Сепак, по средбата не се одржа заедничка прес-конференција.
Средбата се одржа само неколку часа откако Шолц го информираше германскиот парламент за владината позиција за настаните во Израел, во која го увери Израел за цврстата солидарност и поддршка од Германија.
По саботниот напад врз Израел, Катар го обвини исклучиво Израел за ескалација на ситуацијата и укажа на „постојаното кршење на правата на палестинскиот народ“. Катар исто така се обидува да посредува во размената на израелски заложници и палестински затвореници кои се чуваат во израелските затвори. Зборови кои не се пронајдени во базата.