Владата остро ги демантира наводите дека на централниот настан организиран во Куманово по повод одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание, наместо државната химна е пуштена партиска химна

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Владата на Република Северна Македонија остро ги демантира наводите дека на централниот настан организиран во Куманово по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, наместо државната химна е пуштена партиска химна.

„Оваа манипулација на јавноста со невистини е срамно однесување и сквернавење на државниот празник, и покажува основно непочитување на државата, институциите и државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која и на таков голем ден за државата, наместо достоинствена почит кон празникот, одбира да шири невистини и да ја доведува јавноста во заблуда.

Настанот по повод чествувањето на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, беше јавен, отворен за граѓаните, беше пренесуван во живо на Националната радио телевизија, и на настанот беа присутни голем број медиумски екипи, но и граѓани кои го проследија во целост. Видео материјалите од преносот во живо, во нивната интегрална форма се достапни на каналите за комуникација на Владата на Република Северна Македонија и на истите е многу е јасно видливо дека со интонирањето на државната химна на настанот е означен почетокот на свеченоста во Куманово, на која обраќање имаше и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Воедно, јасно е видлива целосната културно-уметничка програма, настапот на сите културни уметници, како и изведуваните музички нумери“, се наведува во реакцијата на Владата.

Оттаму велат дека целосниот настан кој се состоел од положување свежо цвеќе од присутните делегации, како и свеченост по повод државниот празник, пренесуван  во живо, може да се проследи на следниот линк: https://www.youtube.com/live/_uuet_MiunU?si=ENIDa1C01tJYlypv

„Од приложеното, јасна е фактичката состојба дека изнесените наводи од ВМРО-ДПМНЕ се лажни и единствено имаат за цел да го нарушат угледот и достоинството на институциите и носителите на јавни функции на Владата на Република Северна Македонија. Токму затоа, бараме повлекување на информацијата од сите медиуми кои ја имаат објавено, а со цел вистинито, прецизно, јасно и точно информирање на јавноста“, се додава во реакцијата на Владата.

Оваа Влада, се додава понатаму, пристапува кон организација на државните празници со огромна почит и токму затоа и големиот државен празник, 11 Октомври – Денот на народното востание, беше одбележан со пригодни свечености и богата културно-уметничка програма во организација на Владата на Република Северна Македонија, а под мотото ‘Непокор и слобода’. Како и сите чествувања од 2017 година досега, и ова чествување на големиот празник беше државничко и достоинствено.

Централната манифестација по повод државниот празник 11 Октомври беше одржана во Куманово, со положување на свежо цвеќе од страна на Владината делегација, како и со пригодна, свечена програма на која свое обраќање имаше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Дополнително, во Скопје владина делегација положи свежо цвеќе во Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ Бутел во Скопје, како и на споменикот „Ослободителите на Скопје“, на платото кај Владата на Република Северна Македонија. Како дел од чествувањето на Денот на народното востание, во Прилеп владина делегација положи свежо цвеќе и пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, потоа пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу како и пред Могилата на Непобедените.

„Инсистираме јавноста да се информира преку факти, а не со лаги и манипулации чија единствена цел е собирање ситни, дневнополитички поени и нарушување на угледот на институциите кој оваа Влада макотрпно веќе шеста година активно работи да ја возобнови и развива. Потсетуваме дека до 2016, во времето на 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, институциите во државата беа означени како заробени институции, во хибриден режим, без никаква медиумска слобода за професионално и слободно известување и финално комуникација со јавноста преку партиските тела и канали.

Старите практики на манипулација и непочитување на институциите од страна на ВМРО-ДПМНЕ очигледно продолжуваат, и токму затоа, апелираме до медиумските работници, за сите прецизни и точни информации, врзани со работата на институциите и одбележувањето на државните празници, да се обратат директно во институциите или пак во Владата на Република Северна Македонија“, се нагласува во реакцијата од Владата.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article