На владиното лого „Непокор и слобода“ по повод денешниот државен празник 11 Октомври, кога почнала македонската борба против бугарскиот фашистички окупатор, повторно изостанаа Македонија и Македонци, а во обраќањата на функционерите по повод 11 Октомври, никаде не се спомна „бугарскиот фашистички окупатор“.
Денеска, на 82-годишнината од денот кога започнала борбата на македонскиот народ, впрочем како и изминатите години на државни празници, отсуствуваше музичка композиција или телевизиски најави за 11-ти Октомври, а премиерот Димитар Ковачевски дури утрово на социјалните мрежи го објави симболот за одбележувањето на денешниот ден.
Социјалните мрежи вријат од коментари за „Ден на народното востание“, со прашања: „Чие народно востание? На кој народ? Во која земја? Со години се велеше „востанието на македонскиот народ”. Сега исчезна “македонскиот народ”. И Макеоднија не се спомнува“.
Во говорот на централната манифестација на спомен костурницата во Куманово, Ковачевски го искористи моментот за да повтори дека мора да се донесат уставните измени за Македонија да го продолжи европскиот пат.
– Ова не е битка со оружје и на бојни полиња, како партизанските и револуционерните борби. Но е, уште една серозна и важна битка што ние мораме да ја добиеме. И со тоа ќе се осигураме никој никогаш да не може да ги користи македонските идентитетски прашања, за свои или нечии туѓи цели. Членството во Европската Унија го потврдува, зацврстува и унапредува идентитетот. Таков е случајот со сите европски народи. Така ќе биде потврден, зацврстен, унапреден – со тоа и заштитен трајно и македонскиот идентитет во европски и светски рамки – рече Ковачевски.
На одбележувањето на празникот 11 Октомври во Куманово минатата година, изби скандал откако последниот стих од песната „А бре, Македонче“, која е химна на партизанското движење во Македонија, наместо да биде испеан во оригиналот кој гласи: „Нека разберат клетите фашисти македонско име нема да загине!“, хорот го изведе со пеење на: „нека разберат душманите клети македонско име нема да загине“.