Палестинските милитанти од Хамас попладнево го ракетираа јужниот израелски град Ашкелон, откако им дадоа рок на жителите да се евакуираат до 17 часот по локално време. Според локалните медиуми и социјалните мрежи, врз градот биле испукани стотици ракети на повеќе од 20 цели.
Новинарите на BBC јавуваат дека нешто по 17 часот се слушнале неколку силни експлозии во градот.
– Тука сме во засолниште со локалното население. Сите гледаат во своите телефони и нестрпливо чекаат да видат што ќе се случи понатаму. Слушнавме повеќе експлозии во последните неколку минути – изјавил Алис Кади за BBC.
Жителите добиваат предупредувачки пораки на нивните мобилни телефони за ракетни напади и инструкции за тоа како да се скријат и заштитат. Алармите биле проследени со звук на сирена, а потоа и експлозии над главите на луѓето.
Во текот на целиот ден Израел жестоко го бомбардираше Појасот Газа, срамнувајќи со земја цели населби, и покрај заканите од Хамас дека ќе егзекутира израелски заложници ако продолжат нападите на цивилите.
– Во текот на ноќта погодивме 200 цели на палестинската милитантна група Хамас и воспоставивме целосна контрола врз границата со појасот Газа – соопшти израелското воено раководство.
Од почетокот на нападот на Хамас врз цели во Израел во саботата наутро, од Појасот Газа биле испукани повеќе од 4.500 ракети. Бројот на убиени во Израел порасна на 1.008, а во воздушните напади на Газа загинаа најмалку 765 луѓе.
Израел му се закани на Хамас со моќна одмазда и мобилизираше повеќе од 300.000 воени резервисти, навестувајќи дека се подготвува за копнена офанзива на Газа.
– Оперативците на Хамас нема да има каде да се скријат – изјави портпаролот на војската Даниел Хагари.
Израел денеска соопшти дека во јужната погранична комуна Беери се собрани повеќе од 100 тела, а во соседната комуна Кфар Аза едни до други лежат телата на локални жители и палестински милитанти.
– Наоѓаме бебиња, мајки, татковци во нивните спални соби, гледаме како терористите ги убивале. Ова не е војна, ова не е бојно поле, ова е масакр – изјави израелскиот генерал Итај Верув.
Во меѓувреме Обединетите нации соопштија дека веќе има „јасни докази“ дека двете страни во конфликтот меѓу Израел и Газа извршиле воени злосторства.
„Извештаите дека вооружените групи од Газа убиле стотици невооружени цивили се одвратни и не можат да се толерираат“, соопшти истражната комисија назначена од ОН.
Комисијата додава дека „ОН се сериозно загрижени“ за израелските напади врз Газа и прекинувањетото на доток на вода, храна и струја „што несомнено ќе ги чини животите на цивилите и е колективна казна“.
Комисијата ги повика Израел и палестинските вооружени групи „строго да се придржуваат до меѓународното хуманитарно право“.
Комисијата потсетува дека целосна блокада на Газа е кршење на Меѓународното хуманитарно право.
„Воведувањето опсади кои ги загрозуваат животите на цивилите со тоа што им ги одземаат добрата неопходни за нивниот опстанок е забрането според меѓународното хуманитарно право“ – оцени Комисијата на ООН.