Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, на својот Фејсбук профил објави дека поднесува оставка од функцијата.
„Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Димитар Ковачевски. Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија. Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина“, напиша Зекири.
Тој додава дека на сите институции им стои на располагање во секое време за да ја докаже својата невиност.
Инаку, како што денеска објави Јавното обвинителство, Зекири е осомничен дека ги злоупотребил службената положба и овластување додека ја извршувал функцијата генерален секретар на Владата.