Откако чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изрази поддршка за Палестинците, Кремљ објави дека Русија одржува дипломатски врски со двете страни во конфликтот, пренесува Си-Ен-Ен.
„Имаме долгогодишни историски врски со Палестинците, продолжуваме да негуваме контакти, вклучително и на високо ниво. Но, во исто време имаме односи со државата Израел, со која исто така имаме многу заедничко, особено голем број наши сонародници кои живеат во оваа држава. Затоа, во овој случај ги одржуваме односите со двете страни“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
На прашањето за природата на руската поддршка за Палестинците, Песков рече дека Москва е активно вклучена во дипломатските напори и учествува во различни формати барајќи основа за решение.
„Ние имаме намера да продолжиме да вложуваме напори и да играме улога во помагањето да се најде начин за решение“, рече тој.
Песков додаде дека датумите за најавената посета на палестинскиот претседател Махмуд Абас на Москва не се финализирани, но рече дека посетата била однапред планирана.
Во видеото објавено во понеделникот, Кадиров изрази „целосна поддршка“ за Палестинците и предложи распоредување на неговите „мировни“ сили во мисијата за решавање на конфликтот во Израел. Кадиров ги повика и „исламските, муслиманските и арапските земји да дадат заедничка изјава за да ги заштитат своите браќа муслимани“ и ги обвини Западот и Европа за конфликтот во Израел.