Некогаш Македонија важеше за бренд кој што комплетно ги задоволуваше потребите за храна, зборуваме за зеленчук, овошје, месо итн. А, денеска гледаме дека во 2022 година преку 700 милиони евра се потрошија наши пари за увоз на храна за да се задоволат домашните потреби. Тоа е затоа што градинарите, сточарите и било која гранка од земјоделството бележи сериозен пад и се помалку за жал имаме македонски производи, а се повеќе имаме увозни неквалитетни и скапи земјоделски производи кои што граѓаните ги конзумираат, изјави Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ во утринската емисија на Алфа телевизија.
Според него, поради лошите политики на Владата и министерството Македонија стана депо за неквалитетна храна.
– Обелоденивме низа на скандали за зеленчук со пестициди, и млеко со афлатоксини. Македонија стана некакво депо за неквалитетна храна која што завршува на нашиот пазар. А, квалитетниот македонски производ и македонскиот земјоделец се во фаза на исчезнување затоа што едноставно нема рентабилност, нема иднина. Министерството и Владата немаат стратегија, нема директна помош која што реално ги помага земјоделците за да произведуваат и нормално да ја прехранат нацијата -рече Трипуновски.
Тој рече дека поради лошите политики на власта и министерството бројот на земјоделци е драстично намален. Ако во 2014, 2015 и 2016-та во Регистарот на министерството имало преку 85.000 регистрирани земјоделци, денеска има едвај 65.000. Тие околу 20.000 граѓани денес се или социјални случаи или се надвор од државата.
– А, тоа значи дека Македонија ќе стане се повеќе увозно зависна, и овие ресурси кои што ги имаме на располагање нема да се искористуваат затоа што нема кој да работи. Младите луѓе ги напуштаа селат, градовите, се испразнува Македонија. А, оние земјоделци кои што останаа се повозрасна категорија – рече Трипуновски.