Најмалку 120 луѓе загинаа, а повеќе од 1.000 се повредени во земјотресот со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала што во саботата го погоди западен Авганистан, покажуваат новите податоци објавени од регионалните власти.
– Досега се пријавени повеќе од 1.000 повредени, а околу 120 луѓе ги загубија животите – изјави за AFP Моса Ашари, шеф на одделот за управување со катастрофи во провинцијата Херат.
Бројот на загинати претходно беше пријавен на 15, но властите предупредија дека ќе се зголеми бидејќи луѓето се уште се затрупани под урнатините.
Епицентарот на земјотресот бил на 40 километри северозападно од Херат – град кој се смета за културна престолнина на Авганистан – и набргу бил проследен со четири силни последователни потреси, објави Американскиот геолошки институт (USGS). Во Херат, кој има околу 1,9 милиони жители, жителите ги евакуираа своите згради кога земјотресот се случи околу 11:00 часот по локално време.