Русија денеска ја укина забраната за извоз на дизелот што се транспортира со цевководи до морските пристаништа, истакнувајќи дека извозниците ќе добијат лиценца доколку испорачаат половина од горивото на домашниот пазар.
„Владата ги укина ограничувањата за извоз на дизел гориво што се доставува до морските пристаништа со цевководи, под услов производителот да испорача најмалку 50 отсто од произведеното дизел гориво на домашниот пазар“, се наведува во соопштението.
Дизелот е најголемиот извозен производ на Русија меѓу нафтените деривати, со околу 35 милиони тони извезени во 2022 година, од кои речиси три четвртини беа испорачани преку цевководи. Русија извезла лани и 4,8 милиони тони бензин, но во петокот ја продолжи забраната за неговиот извоз.
Ограничувањата на извозот на гориво од Русија, најголемиот светски извозник по морски пат, пред САД, ги зголемија цените на светскиот пазар и принудија некои големи купувачи да бараат алтернативни добавувачи.
Откако ЕУ го забрани увозот поради руската инвазија во Украина, Русија го пренасочи извозот на дизелот и другите горива во Бразил, Турција, неколку земји во Северна и Западна Африка и во земјите од Блискиот исток на брегот на Персискиот залив, кои ги извезуваат нивните производства поради поволните цени на глобалните пазари.
Во последните месеци Русија се обидува да го реши проблемот со недостигот од гориво и високите цени на горивото, што особено им пречи на земјоделците во времето на жетвата. Откако беше воведена забраната, големопродажните цени на дизелот на берзата во Санкт Петербург паднаа за 21 отсто, а бензините за 10 отсто.
Ова поевтинување, сепак, сè уште не се прелеа во иста мера на малопродажните цени, но вицепремиерот Александр Новак тврди дека забраната ги носи првите резултати.
Владата, исто така, денеска ги зголеми царините за извоз на гориво за препродавачите, од 20.000 рубљи на 50.000 рубли (или 495,63 американски долари) по тон и ги врати државните субвенции за рафинериите, кои целосно се применуваат од 1 октомври.
„Владата ги сузбива обидите на препродавачите да купат гориво што планираат да го извезат дури по укинувањето на важечките ограничувања. Ова, исто така, ги спречува да извезуваат… горива со фалсификувана етикета на друг производ“, се вели во соопштението.