Писателите Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска поднесоа оставки како членови на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).
Тие му се заблагодаруваат на членството на ДПМ за укажаната доверба дадена на редовните избори што се одржаа во мај 2022 година, а на Друштвото на писателите на Македонија му посакуваат плодна и успешна работа.
МИА објави дека и книжевникот Бранко Цветкоски поднел неотповиклива оставка од членството во Претседателството на ДПМ.
„Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам неотповиклива оставка на моето членство во Претседателството“, наведува Бранко Цветкоски во писмениот допис до медиумите.
Цветкоски оставката ја најавил на седницата на Претседателството на ДПМ одржана на 4 октомври.