Министерството за финансии по реакцијата на граѓаните дека на списокот на производи кои се оданочени со 10% ДДВ се нашле и производи кои тие не ги сметаат за луксуз појасни дека на овој список се производи кои не се сметаат за основни производи и не се дел од секојдневната трпеза. Министерството, не најавува промена на списокот на производи со стапка од 10%.
Примената на одлуките за стапка на ДДВ од 5% и од 10% не влијаат на донесената одлука на Владата за замрзнати цени на основните производи, затоа што тие производи опфатени со владината одлука се дел од листата со повластена даночна стапка од 5% и кај нив нема промена.
– Списокот на производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка од 10% се производи кои не претставуваат производи за основна исхрана односно имаат карактеристика на производи кои не се дел од секојдневната трпеза и производи, а дел од производите не се препорачуваат за човековото здравје. На оваа листа меѓу другите се различни производи од лососи , козјо месо, , посебни видови на туна кои се ретки, и кои не се во општа употреба, бадеми, индиски ореви, бразилски ореви, тропско овошје, некои видови зачини, палмино масло, кавијар, посебен вид на кашкавали кои не претставуваат традиционален производи и се од растително потекло и слично- појаснија од МФ.
Оттаму додаваат дека на списокот се ставени и производи кои се произведуваат во земјава со цел да се заштити домашното производство.
– Поместувањето на некои од производите на оваа листа се со цел и заштита на домашното производство и заштита на економијата – велат од Министерството за финансии.
Од министерството додаваат дека основните прехранбени производи, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните и понатаму ќе се оданочуваат по најниска даночна стапка на ДДВ, односно нема промена и таа останува на 5% како што тоа е предвидено со Законот за Данок на додадена вредност и поблиску дефинирано со Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ која Владата ја донесе на 28 септември, а која стапува на сила од денеска.
Одлуките, додаваат нема да влијаат на пораст на крајната цена на основните прехранбени производи.
-Листата останува долга и таа претставува најширока листа во однос на земјите од регионот и во земјите од ЕУ, а целта на донесувањето на одлуката за примена на повластена стапка од 5% кај одредени производи е со цел заштита на стандардот на граѓаните, заштита на здравјето на граѓаните, како и оданочување со праведна даночна стапка на производите кои што не претставуваат основна човечка исхрана.Одлуката содржи над 1600 производи, кои со новата одлука ќе продолжат и понатаму да се оданочуваат со најниската даночна стапка од 5% – појаснуваат од Финансии.
Според МФ , тука спаѓаат месо – говедско и свинско, кланични производи во саламура, чадено и сушено, риба – пастрмка, крап, други слатководни риби, ослич, млеко, павлака, кисело млеко, јогурт, ќефир, сирење, најголем дел од кашкавалот, путер, јајца, природен мед, желудници, зеленчукот и овошјето, урми, смокви, агруми (портокали, лимон, мандарина, грејфрут), брашно од пченица и и брашно од жита, пченица, јачмен, рж, ориз, пченка, соја, кикиритки, сончогледово масло, маслиново масло, пченкарно масло, маргарин, колбаси и други конзервирани производи од месо, конзервирани риби – туна, сардина, сардинели, паплини, шеќер, какао во прав, тестенини, леб, бисквити, ајвар, конзервирани кратставици и корнишони, кисела зелка, конзервирани печурки, слатки пиперки, џемови и слатка, ќечап и други сосови од домат, супи, оцет, сол, ореви, костени…..
На листата меѓу другото се и семенски материјал, ѓубрива, земјоделски алати и механизација, а истата е дополнета со менструални производи а додека пак прометот на пелетите за греење останува да се оданочува со 5%.
Од Финансии посочуваат и дека овие измени се дел од пошироката даночна реформа, која претставува усогласување со европската легислатива, согласно препораките од ЕУ и Меѓунродниот монетарен фонд и истатата е за поголема правично, праведност и заштаита на стандардот на граѓаните.
Исто така предлог-листата во рамки на инклузивниот процес што се водеше за воспоставување на новиот даночен концепт, беше споделена со сите засегнати страни и подолг период беше споделена со јавноста и преку веб-страната на Министерството за финансии.
-Република Северна Македонија останува со најниски даночни стапки на ДДВ (редовни и повластени) и целата човечка исхрана останува да се оданочува со повластена стапка на ДДВ а најголем дел од истата односно основните човечки производи продолжуваат да се оданочуваат со пониска повласта стапка од 5% – велат од Министерството за финансии.