18-годишна девојка од Македонија во Загреб била киднапирана од нејзиниот чичко кој се обидел да ја спречи нејзината љубовна врска и да ја врати во Македонија.
Истражниот судија на Жупанискиот суд во Загреб им одредил едномесечен притвор на Х.Н. (57) и Х.А. (38), кои се осомничени дека минатиот понеделник на подрачјето на Нов Загреб незаконски ѝ одзеле слобода на 18-годишна девојка по потекло од Македонија. На двајцата мажи им е изречена мерка притвор од еден месец поради ризик од влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото, објавија хрватските медиуми.
Според информациите од хрватската полиција, двете упасени лица чиј идентитет не е откриен, се осомничени дека во утринските часови на 2 октомври дошле на адресата во Нови Загреб, каде што престојувала 18-годишната девојка, која била во роднинска врска со 57-годишникот. Хрватските медиуми претходно објавија дека 57-годишниот осомничен кој и е чичко на 18-годишната девојка, го ангажирал вториот осомничен маж со цел да ја киднапираат неговата внука.
Според известувањето од полицијата, двајцата мажи откако влегле во станот, насилно ја извлекле 18-годишната девојка и ја турнале на задното седиште од автомобилот, а потоа ја однесле во угостителски објект во Реметинац.
По доаѓањето во локалот, 57-годишникот и наредил на девојката да излезе од возилото и да седне во друг паркиран автомобил, по што ја однеле во домот на 38-годишникот. Медиумите објавија дека целта на киднаперите им била да ја спречат љубовната врска на тинејџерката и нејзиното момче и да ја вратат девојката во Македонија.