Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека 51 лице загинало, а шест се повредени во руски ракетен напад врз село на истокот на Украина. Проектилот целосно уништил кафуле во селото Хроза во близина на градот Купјанск во областа Харков. Селото се наоѓа на околу 20 километри од борбената линија.
Зеленски го осуди нападот врз Хроза, велејќи дека тоа „не бил слеп удар“, туку „брутално и намерно руско злосторство“.
– Намерен ракетен напад на село во регионот на Харков, на обична продавница и на кафуле. Руските трупи не можеа да не знаат каде удираат. Ова не беше слеп удар – рече Зеленски за време на неговото учество на самитот на Европската политичка заедница во Шпанија, пренесува Ројтерс.
Во моментот на нападот, во кафулето се одржувала панихида за неодамна починатиот локален жител, соопшти украинскиот министер за внатрешни работи.
Во нападот загина и 8-годишно момче, а рането е и 6-годишно девојче. Нападот го осудија ОН, Европската унија, Велика Британија и Белата куќа.
Полицијата од областа Харков потврди дека во руски ракетен напад врз селото Хроза загинале вкупно 51 лице, меѓу кои и едно дете. Тие додадоа дека три лица се водат како исчезнати. Шест лица се хоспитализирани поради повредите, пишува Украинска правда.
Володимир Тимошко, началникот на полицијата за регионот Харков, рече дека некои од телата биле тешко осакатени и дека за нивна идентификација потребни се ДНК тестови.
Немаше ниту еден воен објект во Хроза кога руски проектил го погоди селото во источна Украина, потврди висок полициски функционер.
– Сите луѓе беа локални жители, цивили. Ниту една војска, ниту еден воен објект, ниту едно воено возило. Сите загинати и ранети луѓе беа цивили – изјави за Си-Ен-Ен Сергеј Болвинов, главен истражител на полицијата во Харков.
– Убеден сум дека тоа во иднина ќе ни даде основа да ги собереме сите докази и да ги изведеме виновниците на руската армија пред лицето на правдата. Покренавме кривична истрага – додаде Болвинов.
Тој потврди дека властите на местото на настанот пронашле делови од проектилот.
Болвинов ги повтори претходните извештаи дека нападот бил извршен со балистичка ракета Искандер, која Русија најчесто ја користи во Украина и има релативно мал дострел.