Да се патува со воз низ Европа еднаш во животот – за многумина тоа е олицетворение на слободата: 36.000 млади Европејци имаат можност да освојат бесплатен билет за патување со воз низ континентот.
И за младите надвор од ЕУ
Европската комисија го најави почетокот на следната рунда на програмата за патување „DiscoverEU“, а во неа можат да учествуваат граѓани од земјите на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Северна Македонија, Норвешка, Турција и Србија.
Младите можат да аплицираат за влезници до 18 октомври до 12 часот, соопшти Комисијата во Брисел, пишува ДВ.
Кој сака да освои бесплатен билет, прво мора да го покаже своето знаење во краток квиз. Победниците можат да патуваат низ Европа до 30 дена помеѓу 1 март 2024 и 31 мај 2025 година.
Подарок за 18 роденден
Програмата е наменета за млади над 18 години. Поконкретно, може да учествуваат сите родени помеѓу 1 јануари и 31 декември 2005 година. Учесниците со попреченост или здравствени проблеми можат да донесат придружба.
Иницијативата „DiscoverEU“ започна во 2018 година и беше замисла на активистите Винсент-Имануел Хер и Мартин Шпер. Нивниот предлог на секој граѓанин на ЕУ да му подарат билет за 18-ти роденден и да го запознаат континентот наиде на голема поддршка од политичарите и општеството.