Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, денеска го објави списокот со 25 фудбалери за претстојниот дуел против Украина од квалификациите за ЕП 2024, што ќе се одигра на 14 октомври во Прага и за пријателската средба со Ерменија на 17 октомври во Струмица.
За претстојните дуели, селекторот не ги повика Дарко Велковски, кој во моментов е без клуб, Илија Несторовски и Доријан Бабунски.
Образложувајќи го составот, Милевски истакна дека неговиот избор е очекуван и дека во Македонија нема толку квалитетни опции колку што би посакал како тренер.
– Ме прашуваат дали сме во криза кога е изборот на фудбалери во прашање, мојот одговор е дека криза нема, но дека таква ни е реалноста. И јас би сакал да имам избор од 50 фудбалери на врвно ниво, но тоа е што е, нив ги нема во Македонија. Ние сме лимитирани со бројот на фудбалери, кои се на ниво на овие квалификации. Најважно ми е кога ќе дојдат фудбалерите на собир да ги видам дека се физички и ментално подготвени да се стават во функција на репрезентацијата. Реков дека важна ќе биде минутажата од клубовите, но ако немаме конкуренција на некоја позиција, мора да играат и фудбалери кои немаат минутажа – изјави Милевски.
Селекторот на македонската репрезентација најави отворен натпревар и атак на победа на претстојниот натпревар против Украина.
– Само победа им одговара и на двете репрезентации за да ги задржат шансите. Ремито не одговара никому. Затоа, очекувам отворен натпревар од двете страни. Ги анализиравме завршните десетина минути од претходниот натпревар, воочени се доста аномалии, но и позитивни работи. Во функција на тоа како ќе изгледаме на овој натпревар е списокот за овој натпревар, но треба и да поправиме некои работи кои се надевам дека успешно ќе ги направиме. На секој меч очекуваме да победиме и се правиме во функција на тоа, без разлика дали играме против Украина, Малта или Италија – истакна Милевски.