Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во интервју за „360 степени“ снимено за време на нејзиното последно законски дозволено отсуство од „Идризово“ каде што помина веќе три години од четиригодишната затворска казна за случајот „Тенк“, рече дека последната нејзина комуникација со поранешниот премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија, била една недела пред тој да ја напушти Македонија.
Вели дека таа нема проблем да се сретне со било кого, но не знае дали тој би сакал да се сретне со неа и додаде дека и кога би се сретнала, не би имала што да разговара со него.
Таа вели дека нејзините контакти со надворешниот свет се целосно елиминирани и тешко може да се каже дека комуницирам со поранешни колеги, освен со Миле Јанакиевски, со кога останал во најблизок контакт.
– Со дел од колегите, тогаш кога имало прилика, сме се виделе, сме поразговарале. Можам да кажам дека во најблизок контакт останав со Миле Јанакиески, иако и кај него условите се сменети и комуникацијата е значително отежната. Не сме во ист затвор, но дури и да сме, машкото и женското одделение за издржување казна се тотално разделени и ние воопшто немаме комуникација – вели поранешната шефица на полицијата.
Со поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески изминатите неколку години воопшто немале контакт.
Во затворот, вели таа, најмногу ѝ недостига семејството, а најтешко ѝ паѓа што е физички одделена од синот.
– Во целава оваа ситуација, тоа е најтешкиот дел и тоа не само за мене, затоа што нели, како возрасен човек секогаш се трудите да ја разберете ситуацијата и да најдете некое образложение дури и кога такво не постои. Тој неодамна наполни пет години и целава ситуација е тешко да му се објасни. Практично, тој остана сам – без мајка, само со татко, на две години и три месеци. Јас неодамна првпат имав можност да излезам и тоа е навистина тешко – вели Јанкулоска и посочува дека сопругот редовно го носел синот на посета, што значи средби трипати месечно од по еден час.