Европската унија очекува целосна и безусловна соработка на Србија во врска со настаните во Бањска на 24 септември, изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано и нагласи дека приоритет е деескалација и стабилизирање на безбедносната ситуација на северот на Косово.
„Потребна е фундаментална и адекватна истрага за терористичкиот напад на северот на Косово, која ќе покаже не само кои се сторителите, туку и кој стои зад бруталниот напад. Очекуваме целосна и безусловна соработка на Србија во ова“, изјави Стано, пренесува РТС.
Портпаролот изјави дека ЕУ е подготвена да разгледа мерки во однос на Србија, доколку земјите-членки сметаат дека е потребно.„Земјите членки ќе донесат одлука за ова доколку оценат дека имаат доволно информации и докази. Кога ќе проценат дека моментот е вистинскиот, земјите-членки ќе одлучат според настаните на Косово и понатамошните чекори“, рече Стано.
Стано изјави дека косовската полиција е овластена да го истражи нападот, „со оглед на тоа што настанот се случил на Косово“ и додаде дека „добредојден е придонесот на секој кој може да помогне да се расветлат околностите на нападот“.
Тој нагласи дека „ЕУ има многу добра соработка со косовската полиција“ и дека има „добра комуникација“ со ЕУЛЕКС.
На прашањето за тврдењата на Белград дека членовите на мисијата ЕУЛЕКС биле спречени да учествуваат во истрагата, Стано рече дека „на ЕУЛЕКС не му требаат портпароли од други партии“ и дека мисијата има добра соработка со властите во Приштина.
„Спроведувањето истрага не е мандат на ЕУЛЕКС, туку следење на ситуацијата и обезбедување помош на косовската полиција врз основа на барањата“, рече Стано.
Стано изјави дека приоритет за ЕУ во моментов е „деескалација и смирување на безбедносната ситуација“ и додаде дека забележаната „акумулација на српските безбедносни сили во близина на Косово мора да престане“.