Албанија ќе изнајми два брода за производство на енергија, кои ќе бидат закотвени во Валона за да помогне во ублажувањето на енергетската криза во земјата, изјави министерката за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку.
И покрај високите трошоци, министерката Балуку, по состанокот на Комитетот за енергетика, изјави дека Албанија нема да има недостиг на енергија.
Според неа „пловечките термоцентрали“ ќе произведуваат енергија за потребите на Албанија до моментот кога ќе биде пуштена во употреба термоцентралата во Валона.
– Договорот за закуп на двата брода беше финализиран со поддршка на амбасадата на САД во Тирана и во соработка со американската компанија Excelerate Energy, која работи на пуштање во употреба на термоцентралата во Валона. Закупот на пловните објекти што произведуваат енергија е за период од 2 години и се очекува да профункционира во рок од 3 месеци – рече Балуку.
Во март 2021 година, Владата на Албанија потпиша договор за соработка со американската компанија ExxonMobil и Excelerate Energy за термоцентралата во Валона, за користење на течен гас во производството на електрична енергија.
Преку овој договор, покрај термоцентралата, целта е Валона да стане регионален центар за дистрибуција на течен гас увезен од САД.