Министерот за образование Јетон Шаќири минатата учебна година изјави дека ако во септември годинава нема учебници за сите ученици самиот ќе понесе одговорност. Цел месец по почетокот на учебната година голем број ученици сè уште немаат добиено учебници, па поради тоа министерот Шаќири треба да си даде оставка – побара партијата Левица.
„За заштитените функционери од ДУИ не важат никакви ветувања, кои се докажаа како најнеспособна гарнитура за менаџирање со кое било министерство. Дополнително, се огласи и Националната комисија, која соопшти дека не е ниту целосно оформена, односно дека во моментот брои 17 члена наместо 21 член, колку што е предвидено со закон за нејзино нормално функционирање.
Минатата година наставата скандалозно почна без учебници и се одвиваше без учебници до мај. Колку учебни години и колку генерации уништени од неспособноста на Шаќири се потребни за тој конечно да научи да управува со ресорот во кој министерува?!
Уште колку семејства треба да се иселат за да им овозможат пристап до квалитетно образование на своите деца за барем еден функционер од ДУИ да си поднесе оставка?! Истите партии кои тврдат дека ќе ја внесат државата во ЕУ, не се способни да обезбедат ниту учебници“ – се вели во соопштението на Левица.