Текстот на Предлог законот за амнестија кој беше усвоен на минатата владина седница беше усогласен и даден на мислење, по што Владата даде зелено светло на денешната седница и ќе биде доставен во Собранието, информираат од Министерството за правда од каде велат дека очекуваат поддршка од сите пратеници за ова законско решение.
Оттаму посочуваат дека целта на Предлог законот е да се овозможи ресоцијализација на сторителите на кривични дела и рестеретување во казнено поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.
Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
„Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела ,, Злоупотреба на службената положба и овластување”од член 353 , „Несовесно работење во службата“ од член 353-в, сите од Кривичниот закон,за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство“, соопштија од Правда.
Оваа амнестија не се однесува на кривични дела „Разбојништво“ од член 237 став 5 и „Разбојничка кражба“ од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела „Измама на штета на средства на Европската Унија“ од член 249-а, „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од член 273, „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353, „Несовесно работење во службата“ од член 353-в, „Примање поткуп“ од член 357,, „Давање поткуп“ од член 358, „Давање награда за противзаконито влијание“ од член 358-а и за „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359, сите од Кривичен законик.
„Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година како и на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон“, велат од министерството.