Мерката за затворање на маркети е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите. Многу беше кратко времето за кое маркетите можеа да се „престројат“ во однос на намалувањето на цените, особено зашто се работи за околу 1 200 артикли.
Ова го изјави извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, откако пазарниот инспекторат затвори повеќе синџири на маркети во Скопје и Струга кои не ја почитувале владината мерка за намалување на цените на производите.
Пешев смета дека никој од маркетите не го направил намерно, но рече дека времето за адаптирање кон мерката било кратко за одредени трговски компании.
– Учествував на двата состанока во Министерството и со големите синџири на супермаркети и со дистрибутерите. Искажана беше подготвеност да се поддржи иницијативата за намалување за 10 отсто на таа класа производи која беше важна за Министерството. Веројатно постојат некои пропусти, но во директна комуникација со министерот и на координативниот состанок со синџирите супермаркети, ќе се обидеме проблемот да го сведеме на некакво логично време кое ќе им се даде на маркетите да се прилагодат на мерката. Мислам дека никој тоа не го направил намерно и не треба да се злоупотреби. Иако се зборува за 75 класи артикли, цената требаше да им се смени на 1.200. Мерката е драконска, непотребна и предизвикува штети, а дека Министерството има можност да ги затвора објектите, веројатно има. Тоа треба да биде последната мерка кон која Министерството треба да прибегне – појасни Пешев.
Според него не е добро супермаркетите да останат затворени, независно колку и да се.
– Се надевам дека во еден кооперативен дијалог ќе најдеме начин како барем објектите да почнат да работат и да се договориме во која динамика ќе се поправат недостатоците кои биле евентуално востановени. Јас немам директен записник поради кои причини биле затворени супермаркетите, се надевам ќе имаме и информација. Не е добро да останат супермаркетите, колку и да се, затворени. Никому тоа не носи бенефит, особено сега кога се намалени цените – вели извршниот директор на Комората.
Како што истакна Пешев, иако во текот на договарањето со компаниите околу поевтинувањето на производите Владата ветила дека ќе им каже кој датум ќе биде земен како репер, тоа не го сторила, туку 1 август како датум го соопштила дополнително преку медиумите. Извршниот директор негира и дека над 90 отсто од решенијата што ги носи Владата се предлози од стопанските комори, како што во четвртокот рече министерот за економија Крешник Бектеши.
– Информирани сме, но финалните решенија ги слушаме како и вие, од одлуката на Владата. Беше договарано принципиелно, конкретно за последната мерка, за класа артикли кои спаѓаат во основни производи и најголем дел од ланците маркети тоа го кажаа – рекоа дека се подготвени, ако се работи за таа класа продукти кои директно влијаат на потрошувачката кошничка, солидарно, по 5 отсто да намалат од своите маржи, за да поевтинат производите – објасни Пешев и информира дека за да бидат цените намалени 10 отсто, за по 5 отсто отстапиле и маркетите и дистрибутерите.
Министерот за економија, пак, вчера изјави дека компаниите имале период од 10 дена да ги променат цените на производите. Тој вчера ги објави и имињата на синџирите супермаркети кои не ја почитувале владината мерка и ги затвори претходно Државниот пазарен инспекторат.