Собранискиот спикер и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, ги негираат наводите што лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги изнесе во изминативе два дена за некакво тајно УСБ и плико што го добиле со документи и дека се водела тајна комуникација во којашто бил вклучен и експремиерот Никола Груевски.
„Ахмети и Џафери немаат примено никакво плико и никакво УСБ. ДУИ не е дел од било какви интигрантни сценарија или заговори и нема двојна агенда“, е одговорт на Демократската унија за интеграција (ДУИ) даден за Канал 5 телевизија.
Оттаму повторуваат дека средбите со Груевски за кои зборуваше Ахмети биле за пржинските преговори, и децидно негираат дека некогаш преговарале со експремиерот за Кривичниот законик, бидејќи, како што велат, во тоа време не постоело СЈО.
„Единствените разговори за Кривичниот законик се водени со Мицкоски на лидерските средби во Клубот на пратениците по негова иницијатива и барање откако стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ахмети и Џафери немаат примено никакво плико и никакво УСБ. ДУИ не е дел од било какви интигрантни сценарија или заговори и нема двојна агенда“, велат од ДУИ.
И собранискиот спикер Талат Џафери ги отфрла наводите на Мицкоски.
– Апсолутна шпекулација. Ако има докази нека докаже пред Бог, пред Алах, пред државата – изјави Џафери во кратка телефонска изјава за Телма.
Денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повторно ги повика Талат Џафери и Али Ахмети да кажат за содржината на УСБ-то и каков документ има во пликото кое го имаат добиено.
Мицкоски рече дека тој ќе ги следи нивните изјави и дали ќе ја кажат вистината.
– Да оставиме тие да ја кажат вистината бидејќи тие добиле два од трите документи – рече Мицкоски.