Капитенот на Арсенал, Мартин Одегард потпиша нов петгодишен договор, соопшти денеска лондонскиот клуб.
Одегард му се приклучи на клубот трајно од Реал Мадрид во август 2021 година за околу 35 милиони евра откако беше на позајмица во Премиер лигата.
Тој се појави на сите, освен на еден од 38-те натпревари на Арсенал во Премиер лигата минатата сезона, кога тимот на Микел Артета заврши на второто место зад шампионот Манчестер Сити, со што стави крај на шестгодишното отсуство на „топчиите“ од Лигата на шампионите.
„Потпишувањето на нов договор беше навистина лесна одлука за мене поради многу причини. Во суштина она што го правиме како клуб во моментов е посебно и сакам да бидам дел од него. Навистина сум возбуден за тоа што ќе дојде овде. Најдов место каде навистина можам да се исполнам и кое можам да го наречам свој дом“, изјави 24-годишниот Одегард за клупската веб-страница.
Одегард, кој е и капитен на Норвешка, за која одигра 53 натпревари и постигна три гола, се обврза да игра за Арсенал до крајот на сезоната 2027/28.
Норвешкиот играч од средниот ред постигна 27 гола и забележа 15 асистенции на 112 настапи за „топчиите“. Пред да дојде во Лондон, тој играше за Стромсгодсет, вториот и првиот тим на Реал Мадрид, Херенвен, Витесе и Реал Сосиедад.