„Европската Унија ја осудува воената операција на Азербејџан против ерменското население на Нагорно-Карабах и жали за жртвите и загубата на животи предизвикани од оваа ескалација“, рече Борел, според соопштението на ЕУ.
По повод постигнатиот договор за прекин на огнот, Борел рече дека очекува итен и целосен прекин на непријателствата и почитување на примирјето, пренесува агенцијата Армен прес.
– ЕУ го повикува Азербејџан да обезбеди итна и непречена хуманитарна помош за населението на кое му е потребна, вклучително и целосно отворање на коридорот Лачин во согласност со одлуката на Меѓународниот суд на правдата од февруари и јули 2023 година – посочи Борел и додаде дека ЕУ и нејзините земји-членки се подготвени да обезбедат итна хуманитарна помош.
Тој ги повика Ерменците од Баку и Нагорно-Карабах итно да се вклучат во сеопфатен и транспарентен дијалог.
– Азербејџан сноси одговорност да ги обезбеди правата и безбедноста на Ерменците од Карабах, вклучително и нивното право да живеат во своите домови без заплашување и дискриминација. Присилното раселување на цивилното население со воени или други средства ќе наиде на силен одговор од ЕУ – предупреди Борел.
Тој истакна дека ЕУ е подготвена да преземе соодветни мерки во случај на натамошно влошување на ситуацијата.
– ЕУ ја повторува својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет и на Азербејџан и на Ерменија. Го повикуваме Азербејџан да ја потврди својата недвосмислена посветеност на територијалниот интегритет на Ерменија, во согласност со Декларацијата од Алмати од 1991 година – рече високиот претставник на ЕУ.