Азербејџан прогласи амнестија за ерменските борци во регионот Нагорно Карабах кои го предаваат оружјето, иако некои од нив најавија дека ќе продолжат со отпорот, изјави советникот на азербејџанскиот претседател Хикмет Хаџиев.
Ерменците, кои го сочинуваат мнозинството во Нагорно-Карабах, во четвртокот рекоа дека им се потребни безбедносни гаранции пред да го предадат оружјето, откако Азербејџан објави дека го вратил отцепениот регион под своја контрола по 24-часовната воена операција.
Како што пренесуваат странските агенции, Хаџиев најави дека Баку планира амнестија за сите борци од Нагорно Карабах кои ќе го предадат оружјето.
– Гледаме дека во овој момент некои поединечни армиски групи и офицери јавно објавија дека нема да се согласат со нашите услови и дека ќе продолжат со својот отпор. Гледаме и дека некои помали групи одат во шумата. Но, ние не го гледаме тоа како голем безбедносен предизвик. Секако, тоа носи одредени предизвици и тешкотии, но не во толку големи размери – изјави азербејџанскиот претставник.
Тој рече дека ќе се почитуваат правата на Ерменците од Карабах како дел од нивната интеграција во Азербејџан, додавајќи дека тие побарале хуманитарна помош, како и снабдување со нафта и бензин. Хаџиев најави дека денеска во овој регион ќе бидат доставени три товари хуманитарна помош.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан рече дека Ереван е подготвен да прифати бегалци од Нагорно Карабах.
Вчера беше постигнат договор за прекин на огнот меѓу азербејџанските вооружени сили и ерменските војници во отцепениот регион Нагорно-Карабах, населен главно со Ерменци.
Договорот беше постигнат со посредство на руски мировен контингент, откако официјален Баку започна антитерористичка операција во Нагорно-Карабах за да го врати уставниот поредок во областа контролирана од ерменските сепаратисти.