Светскиот топмодел Наоми Кемпбел си ја отвори душата за исклучително тешкиот животен период во мини-документарната серија „Супермодели“, чија премиера беше вчера.
Славната манекенка се борела со зависноста од дрога во 90-те години. Наоми во тие години беше на врвот на кариерата, а во новиот документарен филм зборуваше за зависноста од дрога.
Таа открила и што била причината за тоа. Наоми се присетила и на своето тешко детство и зборувала за татко ѝ кој ги напуштил неjзе и нејзината мајка пред таа да се роди. Таа призна дека се свртела кон кокаинот за да заборави на траума од детството и да се помири со смртта на италијанскиот дизајнер и нејзин близок пријател Џани Версаче.
Британската манекенка влезе во светот на модата кога имаше само 15 години, а притисокот што го чувствувала како дете во светот на возрасните бил огромен.
Кемпбел рекла дека убиството на познатиот дизајнер Џани Версаче и траумите од детството биле причина таа да западне во замката на пороците.
„Претпоставувам дека се обидував да ја прикријам тагата кога започнав да користам дрога. Зависноста е многу лоша работа. Си мислите: ‘Ох, тоа ќе ги зацели раните’, но не е така. Тоа предизвикува толку голем страв и непријатност што ме направи многу бесна“, изјавила Наоми која тешко го поднела убиството на Версаче кое се случи во 1997 година пред неговиот дом во Мајами.
„Ме познаваше, ме мотивираше. Ме мотивираше да продолжам и кога мислев дека го немам она што е потребно во себе. Кога почина, бев исклучително тажна“, додала таа.
Наоми поради консумирање на наркотици (кокаин) колабирала на едно снимање во 1999 година.
„Се обидував да ги прикријам своите чувства, беше многу болно“, порачала таа, која по инцидентот на снимањето заминала на рехабилитација.
„Тоа беше една од најдобрите работи што можев да ги направам за себе во тоа време. Беше страшно да се погледнам во огледало.“
На Кемпбел ѝ било потребно долго време за да ги победи проблемите и вели дека одвреме-навреме се чувствува лошо, но сега знае како да се справува со тоа.
ФОТО: Инстаграм