More

    На земјава ѝ се потребни 20.000 градежници

    spot_img

    На градежниот сектор очајно му недостигаат квалификувани работници. Се проценува дека се потребни околу 20.000 работници, од кои 70% квалификувани градежници. Градежниците велат дека платите веќе не се услов остручениот кадар во градежништвото да остане да работи во земјава, туку главно се условите за работа, времето поминато на работното место и други бенефиции. Проблемот со недостиг од квалификуван кадар, велат тие, е една од причините за намалување на градежната активност и намалениот обем на работа, што е загрижувачки ако се знае дека овој сектор е еден од носечките во економијата.

    Дека проблемот станува алармантен покажаа и последните огласи за вработување кои ги распиша конзорциумот „Бехтел и Енка“. За 2.000 работни места конкурирале само 360 луѓе, а на конзорциумот му се потребни 8.000 работници.

    Градежниците велат дека проблемот може да се реши со увоз на работници од странство и насочување на младите во стручно образование, како и поголем ангажман на домашните компании во реализација на капиталните инвестиции на земјата, што ќе овозможи компаниите да можат да даваат повисоки плати за да го запрат заминувањето на работниците во странство.

    Никола Велковски од Здружението за градежништво вели дека проблемот е актуелен веќе 10 години, но нема мерки од државата кои би им помогнале на компаниите.

    – Во градежништвото стандардно работат од 45.000 до 55.000 работници, но компаниите имаат потреба од дополнителен кадар кој ќе работи на реализација на сегашни и идни проекти, ако сакаме да се подобри обемот на работа кој во последните месеци рапидно опаѓа. Потребите од квалификувана работна рака се поголеми во високоградбата, наспроти нискоградбата каде што се потребни други работници и добар инженерски кадар кој ја врши работата. Во високоградбата е потребен пообичен кадар и занаетчиски кадар кој се помалку го има во земјава, а мислам дека го нема и пошироко во регионот и ЕУ. 70% од потребите од нови работници во градежништвото се за квалификувани кадри и затоа се случува тој недостиг од работници во овој сектор. Пример ќе ви дадам со мојата фирма. Три години бараме работници и досега се јавил само еден – вели Велковски.

    Тој се сомнева дека и преку најавениот увоз на работници ќе може да се обезбеди квалификуван градежен кадар, бидејќи таков веќе нема на пазарот, а земјава не е конкурентна со условите кои ги нуди.

    – Овој кадар, ако што реков, е дефицитарен и во Европа и во регионот, па се сомневам дека ќе можеме да го привлечеме во земјава, со оглед на условите кои ги нудиме и платите кои се понеконкурентни во однос на други земји. Сега се вработуваат само оние странски работници кои инвеститорите го носат со себе од земјата од каде што доаѓаат. На пример, турските инвеститори си носат сопствен обучен кадар, бидејќи овде не можат да го најдат – вели Велковски.

    Според него, решение на проблемот е во обуката на домашен кадар кој ќе се обезбеди преку зголемен број на ученици во стручните училишта и преквалификација на луѓето кои се на списокот на невработени во Агенцијата за вработување.

    – Ова е проблем за кој говориме веќе 10 години, меѓутоа, младите тешко сфаќаат дека без работа не може да се живее, а во градежништвото има квалификувани места каде што може добро да се заработи. Ме радува фактот што веќе годинава гледаме поголем интерес кај децата за запишување во стручните училиште од каде ќе можат директно да се вработат во домашните компании. Од друга страна, ние имаме 110.000 невработени кои не можат да работат во градежништвото бидејќи не се квалификувани за таква работа – вели тој.

    Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво во Стопанската комора, смета дека проблемот со недостиг на кадар во овој сектор може да се реши само со увоз на работна сила од странство, што ќе овозможи поголема конкуренција меѓу работниците и затоа државата треба да го реши прашањето со квотите кои се далеку од потребите бидејќи само во градежништвото се потребни 20.000 работници.

    – Состојбата не е таква како што се прикажува, дека во земјава се увезува нестручен градежен кадар. Она што веќе го имаме најавено како квалификации во биографиите на работниците од Индија и Пакистан говори дека тие се можеби и поквалификувани од нашите работници. Дел од овие луѓе веќе работеле на градежни објекти во Дубаи и имаат по 10 години работно искуство. Тоа, верувам, ќе внесе поголема конкуренција кај нашите работници да покажат дека и тие можат да дадат сè од себе во работата, а не само да бараат поголеми права – вели Серафимовски.

    Според него, државата води погрешна политика во градежништвото, што се одразува со па на обемот на работа.

    – Најголемиот дел од инвестициите ги реализираат странски компании. Од 2 милијарди евра капитални инвестиции на странците им се дадени 1,2 милијарди, а остатокот од 800 милиони го реализираат домашните компании. Дополнително, проблем за компаниите е тоа што државата ништо не прави за на компаниите да им помогне, но затоа пак бара да им се зголемат правата на работниците и да им се даваат повисоки плати за да се задржат во земјата. Се прашувам како тоа да го направиме? – вели Серафимовски.

    Според податоците на државниот завод за статистика во вториот квартал од годинава обемот на работа во градежништвото се намалил за 21,8%, а бројот на работници во овој квартал во градежништвото се зголемил за 7.000 работници.

    – Бројките се интересни и мислам дека се должат на промените во методологијата кои ги направи Заводот за статистика. Стандардно, во земјава има до 55.000 работници во градежништвото, а треба да има 70.000 работници за да се зголеми обемот на работа. Со новата методологија наеднаш падна бројот на работници во градежништвото на 44.000 и сега повторно порасна. Мислам дека ова е резултат на вработувањата во странките компании кои работат на градежни проекти во земјава кои се увезени, зашто кај домашните компании сме имале огласи на кои скоро и да не се јавуваат работници – вели Серафимовски.

    Статистика пресмета и дека платите во градежништвото за една година пораснале за 19,5%. Просечна плата во градежништвото, според овие податоци е 36.807 денари. Во нискоградбата таа изнесува 34.729 денари, а во високоградбата 41.579 денари.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img