Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера ( 20.09.2023 година), преку апликацијата RASFF Window од Системот за предупредување за небезбедна храна на Европската унија (RASFF) доби нотификација за небезбеден производ од категоријата овошје и зеленчук извезен од нашава земја – свежи пиперки наменети за пазарот во Хрватска.
„При спроведена гранична контрола земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуи од пестициди. Имено, добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот форметанат и вредност која претставува сериозен ризик по здравјето на луѓето“, информираат од АХВ.
Од страна на хрватските власти забранет е увоз на спорниот производ.
„Доколку пратката со небезбедните производи се врати во земјава, АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата“, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.