Не е постигнат конечен договор меѓу етничките Ерменци од Нагорно-Карабах и Азербејџан, објави руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на ерменски претставник на разговорите во Јевлак.
РИА ја пренесува и изјавата на азербејџанскиот претставник кој рече дека е тешко да се очекува дека сите проблеми меѓу Баку и етничките Ерменци од Карабах ќе бидат решени на една средба. Дејвид Бабајан, советник на претседателот на Арцах, како што Ерменците го нарекуваат Нагорно-Карабах, рече дека мора да се разговара за многу повеќе прашања и проблеми.
-Имаме договор за прекин на воените операции, но чекаме конечен договор, разговорите се во тек – изјави Бабајан, советник на претседателот Самвел Шахрамањан.
Зборувајќи за разоружувањето, Бабајан рече дека етничките Ерменци не може да се остават да загинат и затоа прво треба да се договорат безбедносни гаранции.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, објави дека Баку им дал на Ерменците нацрт-договор за мир, пренесува РИА. Баку сега ја чека реакцијата на ерменските власти, изјави за руската агенција претставникот на Алиев. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, чија оставка сега бара ерменската опозиција, им порача на своите сонародници дека нивната земја мора да биде ослободена од конфликти заради нејзината независност. Бабајан изјави за Ројтерс дека Ерменците од Нагорно Карабах се чувствуваат оставени од Русија, Западот и од Ерменија.
-Во секој момент можат да не уништат, да ни направат геноцид, дали го разбирате тоа? Западот молчи, Русија молчи, Ерменија молчи. Што да правиме?- рече Бабајан.
Азербејџанските сили во вторникот го нападнаа Нагорно Карабах и вчера ги прекинаа воените операции, откако успешната операција ги принуди ерменските сепаратисти да се согласат на прекин на огнот и целосно враќање на регионот под контрола на Азербејџан.
Разговорите во Јевлак, кој се наоѓа на околу 200 километри западно од Баку, се одржаа на денот на вонредната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за конфликтите во Кавказ.