Во јули просечната нето исплатена плата изнесува 36.286 денари ( 590 евра), објави Државниот завод за статистика.
Статистика пресмета дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули во однос на истиот месец минатата година, е зголемена за 14,1%. Реално просечната нето плата пораснала за 5,3%.
На месечно ниво – јули во споредба со јуни годинава платите се во минус за 0,7 % номинлно, но реално тие се намалени за 1,7%.
Зголемување во однос на јуни има кај просечно исплатените плати во секторите „градежништво“ (19,5 %), „образование“ (17,2 %) и „јавна управа и одбрана, и задолжително социјално осигурување“ (16,8 %).
Во истиот период има намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во секторите: „рударство и вадење на камен“ (7,9 %), „финансиски дејности и дејности на осигурување“ (5,3 %) и „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“ (4,6 %).
Во јули највисок просек на плата е забележан во секторот „компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“ од 91.970 денари, а најнизок просек на исплатена плата има во секторот „заштитни и истражни дејности“ од 20.014 денари.
Просечната бруто плата во јули иснесува 54.434 денари (885 евра).