Денеска стигна одговорот на Мицкоски. И како што очекував, без никаков аргумент, без никаков доказ или нешто слично. Рекла-казала од типот „се слуша”, „гласно говорат”, „се фалат” итн. Тоа ли е политика? Така ли се води партија? Така ли се гради единство во партијата?
Ова на Фејсбук денеска го објави експремиерот Никола Груевски, кој вчера побара од актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, докази за неговите тврдења дека учествувал во тајна комуникација со власта во Македонија со цел изгласување на уставните измени.
Мицкоски, сепак, не ги објави доказите, но му порача на својот партиски претходник: „Ќе ти кажам в очи кога ќе се видиме“.
По таквиот одговор, Груевски повторно реплицираше преку Фејсбук и наведе дека на Мицкоски конечно му се исполнила долгогодишната желба да влезе во конфликт со него.
„Мицкоски си ја исполни повеќегодишната желба да влезе во јавен конфликт и напади врз мене. Некој му кажал дека тоа ќе му е од корист. Провикациите од негова страна не се од вчера, само што на таа провокација од вчера не можеше да не се одговори, барем со прашања колку да се извади на површина дека Христијан Мицкоски изнасилено си создаде нов противник наместо да се занимава со власта, која седма година не може да ја сруши и покрај нивната неспособност, корумпираност и безидејност. Си создава ново алиби за секоја идна намерна или ненамерна грешка и штетна одлука, алиби за идните изборни резултати, кои со овој памет нема да се очекуваните од сите нас. Напишал дека сум сакал да создавам раздор и тој не сакал јавно да се препукува, ќе ми кажел во четири очи. А ме нападна преку најпознатиот германски медиум. Јас знам, а и јавноста, дека со ниту еден збор или потег не сум направил раздор досега. Ако навистина сум планирал такво нешто, зошто не почекаа, да се види тоа, да направам нешто што ќе им биде поткрепа на тезите, а не од наводни озборувања и гласини да градат политики“, напиша Груевски на Фејсбук.
Напротив, додаде тој, раздорот го направи тој со моето прогласување за нов непријател и жестокиот напад без да се даде најмала причина.
„Заев го направи најголем пријател и сојузник, мене кој цел живот го бранам националните, државните и партиските интереси, и само добрини сум му направил во животот ме прогласи за непријател. По ова мерете му го умот! Потоа ја стави целата партиска машинерија во одбрана на неговите параноични, штетни и бесмислени чекори и политики. Токму тоа е ‘со сила’ создавање раскол, растурање, а не нешто што сум направил јас. Јас во континуитет жестоко го напаѓам СДСМ. Мицкоски ме нападна мене. Нели ви е нешто чудно тука? Сѐ тоа може да му биде интересно до следните избори, кога оваа политика на создавање непријатели од луѓе кои го посветиле животот на партијата и каузата ќе ја следи од канцеларијата и ќе му одработува партиската машинерија која му ја оставив. Но, што потоа?“, напиша Груевски.