Стар разузнавачки документ на Полска од 2011 година во врска со можната војна во Русија беше објавен во актуелната кампања за парламентарни избори во земјата, а неговото објавување ја разбранува јавноста, пишува Политико. Делови од документот објави актуелниот министер за одбрана на Полска, Мариус Блачак во видео, тврдејќи дека Полска била толку ранлива тогаш што Русите можеле да влезат за само две недели.
„Планот претпоставуваше… дека Полска може да се брани само две недели и дека непријателот ќе стигне до десниот брег на Висла по седум дена“, изјави Блачак на видеото.
Блачак на снимката сака да го дискредитира својот ривал, поранешниот премиер и сегашен европратеник Доналд Туск, објаснувајќи дека планот за одбрана на Полска кој Туск тогаш, во 2011 година, го направил можел да доведе до масакр налик на оној во градот Буча во Украина.
Според Блачак, Туск бил подготвен да се откаже од половина земја во случај на војна.
– Планот претпоставуваше… дека Полска може да се брани само две недели и дека непријателот ќе стигне до десниот брег на Висла по седум дена – вели тој во видеото и додава:
– Планот јасно покажува дека: Лублин, Ржесов или Ломза можеле да бидат полска Буча – додаде тој.
Неговите зборови беа придружени со слики од она што изгледаше како дел од планот за одбрана. Политико пишува дека објавувањето на овој план ја вознемири јавноста во Полска, иако тој е од 2011 година и не е актуелен денеска.
Пензионираниот генереал Валдемар Скрипчак рече дека објавувањето на планот ја поткопува довербата која НАТО ја има во Полска и дека тоа докажува дека „ние Полјаците сме способни за сѐ, дека можеме да ги предадеме најдлабоките тајни на Полска и на НАТО“.
Станислав Козиеј, друг пензиониран генерал тврдеше дека овие планови за одбрана биле изготвени уште во 2007 година.
Објавувањето на планот го изненади и Радослав Сикорски, поранешниот министер за одбрана на Полска, во владата на Доналд Туск. Тој го нарече чинот скандалозен и предупреди дека планот, иако стар, може да биде искористен од страна на Москва.