Во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се преговараше за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски на 9 мај – денот кога се слави победата над фашизмот и Денот на Европа – изјави синоќа во емисија за ТВ Клан Изет Меџити, лидер на новоформираното „Демократско движење“ и поранешен функционер на ДУИ.
Меџити тврди дека не е точно дека некој од опозицијата барал од претседателот Пендаровски да го помилува Груевски, туку тоа било направено по иницијатива на владејачките партии.
Меџити нагласи дека тој и албанската опозиција имаат факти за тоа кој бил на средбата со Пендаровски за да преговара за враќање на Груевски, споменувајќи го и денот кога се случила оваа средба.
– Не треба многу тоа да го потврди претседателот на државата. Беше на Денот на Европа во неговиот кабинет. Така да, не зборуваме на памет – рече Меџити.