Бројот на загинатите во либискиот град Дерна од разорните поплави што ја погодија источна Либија може да се искачи на 20.000, изјави градоначалникот на градот.
„Очекуваме многу голем број жртви. Може да достигне од 18.000 до 20.000 смртни случаи врз основа на уништувањето во Дерна“, изјави градоначалникот Абдулменам ал-Гаити за телевизијата Ал Арабија доцна во средата, објави агенцијата во четвртокот.
Ал Гаити рече дека градот се соочува со хуманитарна катастрофа поради големите поплави по силната бура што ја погоди источна Либија минатиот викенд.
Се урнаа две брани во планините над Дерна.
Додека спасувачките тимови и роднините продолжуваат да бараат преживеани, приближно 10.000 луѓе се водат како исчезнати, според Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Поплавите на истокот на земјата оставија без покрив над 30.000 луѓе, особено во Дерна, соопшти Меѓународната организација за миграција.
Две ривалски влади се борат за власт во Либија богата со нафта, која се соочи со немири во последните години. Едната влада е на истокот на земјата, а другата се наоѓа во главниот град Триполи, на запад.
Шефот на Светската метеоролошка организација на ОН изјави дека повеќето од жртвите во поплавите во Либија можеле да се избегнат.
Петри Таалас им рече на новинарите дека земјата требало да издаде предупредувања.
„Службите за управување со вонредни состојби ќе можеа да ги евакуираат луѓето и можевме да ги избегнеме повеќето човечки жртви“, рече тој, цитиран од новинската агенција АФП.
Досега официјалната бројка на загинати е 5.300 луѓе.