Не станува збор за дискриминација согласно член 137, како што тврди заменикот министер Агим Нухиу, туку општина Гази Баба на прво место ја става безбедноста и сигурноста на учениците на нејзината територија и засега успева во тоа на најдобар начин – се вели во реакцијата на општина Гази Баба на изјавата на заменик министерот за образование и наука Агим Нухиу во интервјуто за Алсат.
Имено, Нухиу истакна дека градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски го прекршува членот 137 од Кривичниот законик со тоа што не им оневозможуваат на учениците да учат на мајчин јазик и ризикува казна од 6 месеци до 5 години затвор.
„Во овој контекст би сакале да укажаме дека во рамки на училиштата кои се наоѓаат на територија на општина Гази Баба, веќе се посетува настава на мајчин албански јазик и тоа во три основни училишта. Подрачно училиште „Кирил и Методиј“ во Страчинци, 9 паралелки 91 ученик, основно училиште 25 Мај во Сингелиќ 63 паралелки 1695 ученици и во основно училиште Његош 5 паралелки 44 ученици.
Во предметното ОУ „Његош“, во кое се бараат дополнителни паралелки на албански наставен јазик, веќе се одржува настава од прво до петто одделение, а за наставата од 6. до 9. одделение им се овозможува бесплатен висококвалитетен превоз до најблиското населено место Огњанци. Ова е решение се додека не се изгради нова училишна зграда во населеното место Идризово.
Ваквиот начин на фукционирање не се однесува само на децата од албанска национална припадност и нема дискриминација согласно член 137 од кривичниот закон, туку на овој начин се функционира и во рамки на ОУ „Крсте П. Мисирков“ каде наставата се изведува на македонски наставен јазик, децата од населеното место Брњарци, посетуваат настава од прво до петто во Брњарци а шестото одделение го продолжуваат во населбата Ченто.
Истиот начин на функцинирање е и во рамки на ОУ Климент Охридски, каде децата од подрачното училиште во населеното место Раштак, посетуваат настава на македонски наставен јазик, прво до петто во Раштак а шестото одделение го продолжуваат во населеното место Булачани.
Како дополнителни информации и аспекти врз основа на кои во моментот не сме во можност во ОУ Његош да формираме нова паралелка во шесто одделение на албански јазик.
1. ООУ„Његош” кое се наоѓа во населеното место Јурумлери, прифаќа ученици од населените места од Дрма до Гоце Делчев. Повеќето ученици за да стигнат во училиште патуваат со автобуси од ЈСП.
2. Со сегашниот број на запишани ученици во ова училиште наставата завршува во 17 часот, а доколку се отворат нови паралелки ќе бидеме доведени во состојба да одранизираме настава која ќе треба да завршува во доцните часови најдоцна со 19 или 20 часот.
3. Со прoдолжување на наставата во доцните вечерни часови се соочуваме со дополнителен проблем. Имено, во населени места каде сообраќа ЈСП, по закон сме обврзани да ги користиме исклучиво нивните услуги, а возниот ред не може да се усогласи со распоредот на почнување односно завршување на наставата.
4. Дополнително, патот по кој би се движеле пешки во вечерните часови со цел да се вратат во своите домови е регионален пат, и бројот на деца кои го имаат изгубено животот на овој патен правец е голем.
На крај би сакале да обрнеме внимание дека Општината веќе има утврдено локација за изградба на нова училишна зграда. Испратено е барање за изработка на урбанистички план до Владата, МОН и до Министерството за транспорт и врски. Следствено на тоа, Општината ќе ги превземе сите дополнителни потребни чекори.
Со сето ова што веќе го истакнавме погоре, потенцираме дека не станува збор за дискриминација согласно член 137, како што наведува заменик министерот Нухиу, туку општина Гази Баба на прво место ја става безбедноста и сигурноста на учениците на нејзината територија и засега успева во тоа на најдобар начин.
На крај го прашуваме заменикот министер Агим Нухиу за следното:
На 28.09.2019 година во населеното место Идризово се оддржала средба со граѓани на која присуствувале тогашниот министер за образование, тогашниот градоначалник на општина Гази Баба и повеќе тогашни пратеници кои денес извршуваат високи државни позиции. Кои чекори ги има превземано Владата од 28.09.2019 година до денес за реализација на ова ветување дадено пред граѓаните на Идризово?“ – се вели во реакцијата од Општина гази Баба во која во прилог е доставена фотографија од средбата со граѓани во населено место Идризово, оддржана во 2019 година.