Министерството за правда ги замолува сите политички партии да го поддржат предлог Законот за амнестија, за кој вели дека е „хуманитарен чин кој е од интерес за граѓаните“ и да го изгласаат ова законско решение.
„Министерството за правда неколку пати испрати дописи до координаторите на политичките партии во Собрание на Република Северна Македонија за да се произјаснат за новиот предлог Закон за амнестија. Барањата се испратени по писмен и електронски пат на 18.07.2023, 20.07.2023, 24.08.2023, 11.09.2023 и 13.09.2023 година. Со предлог законот преку писмен допис е запознат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Од нив e побарано во најкус можен рок да го разгледаат и да се произјаснат за законското решение, давајќи свои забелешки и сугестии.
Укажуваме дека состојбата во затворите е алармантна за што укажуваат и бројните меѓународни извештаи кои се занимаваат со ова прашање, како и од страна на Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа“, се наведува во соопштението од Правда.
Со амнестијата се очекува да бидат опфатени лица кои се осудени на казна затвор до 6 месеци, како и осудените лица на кои им е изречена казна затвор над 6 месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.