Тетовските пензионери вечерва од 18 часот се собраа на градскиот плоштад за да искажат незадоволство и да побараат власта да ги зголеми ниските пензии со кои тешко излегуваа на крај.
– Бараме нешто што ни следува. Линеарно зголемување кај сите пензионери за 3.500 денари, покачување на минималната пензија на 18 илјади денари, да се врати бањско-климатското лекување на пензионерите, да се стават што повеќе лекови на позитивната листа, да нема партиципација при прегледи во здравство. Едноставно, работи што навистина ни следуваат – рече Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери.
Пензионерката Ленче Симовска порача дека младите гледајќи ги проблемите на повозрасните си заминуваат од државата.
– Дали власта не гледа дека секојдневно излегуваме на улици и бараме спас за нашиот достоинствен живот. Денес изјавија дека само 6 отсто можеле да ни дадат. Велат дека пензискиот фонд немал пари. Не е точно тоа. Пензискиот фонд има пари. Прашањето е каде отишле тие пари. Секојдневно нашите деца и внуци не гледаат како излегуваме на овие протести и не прашуваат дали и тие ќе го доживеат ова. Дали и нив ги чека ваква иднина. Затоа тие деца денес ние бегаат по бел свет. Не бегаат тие од нас, бегаат од системот, се плашат за иднината – истакна Симовска.
Досега, пет недели по ред, тетовските пензионери се собираат пред објектот на Здружението на пензионери каде јавно ги истакнуваат нивните барања. Првпат минатата недела почнаа вечерни протести и на градскиот плоштад.
фото: МИА