Ниту Владата, ниту било која политичка партија или министер не смее, не си дозволува и нема право и никаква можност да влијае врз изборот на подизведувачи на конзорцуимот „Бехтел и Енка“ – изјави првиот вицепремер, Артан Груби, одговарајќи на прашање, дали фирмата Еуровиа, која е голем донатор на партија ДУИ е избрана за подизведувач.
– Апсолутно оградување, нивните процедури, дури се и потешки од нашите процедури предвидени во нашиот Закон за јавни набавки за избор на подизведувачи. Нивна е одговорноста да го изградат патот и кого ќе изберат. Затоа што ако не го изградат патот во предвидениот рок од договорот, тие всушност носат одговорност за тоа прашање и за сите подизведувачи и за сите кои ќе си ги изберат како партнери во изградбата – рече Груби на денешното почнување на градежните работи на Коридорот 8 на делница Гостивар- Буковиќ.
На новинарско прашање дека според извештајот на Антикорупциска комисија подарокот од Еуровиа е спротивен на закон, како ќе се оправдат пред Министерство за правда, Груби одговори дека ако има било какви сомнежи од страна на обвинителствата, Антикорупциска комисија, тогаш тие треба да постапат согласно законите, бидејќи како што вели, ги почитуваат законите и одлуките на институциите.
– Да помогнеме во градењето на кредибилитетот на институциите, за да веруваме во нивните одлуки понатаму, истакна Груби.