Украина, односно, нејзината „земјоделска моќ“ која ќе го премести тежиштето на Исток ќе ја отвори Пандорината кутија на предизвици ако Европската Унија се реши веднаш да се прошири со земјите-членки кандидати, пишува Политико во нова анализа насловена како „Путин сака повеќе земја, ЕУ се трка да биде прва во тоа“.
Во написот се наведени повеќе причини зошто ЕУ не може веднаш да ги прими шесте земји од Западниот Балкан, како и Украина и Молдавија кон блокот од 27 членки. По изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“ која допрва треба да се реформира и нејасниот праг на проширување до 2030 година, оваа тема останува непознаница.
Да им испратиме готови документи да ги потпишат
Политико пишува дека брзото проширување сепак е на агендата на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија(ЕК). Тие цитираат и изјава од австрискиот шеф на дипломатијата Александар Шаленберг:
– Ова е моментот да бидеме храбри и да го промениме нашиот пристап кон проширувањето – да ги внесеме шесте земји од Западен Балкан, секоја од нив, и Украина и Молдавија, јасно во нашето семејство – изјави Шаленберг.
Но, Шаленберг исто така ја покрена можноста да им се дозволи на земјите-кандидати да седат како неми набљудувачи на масата на ЕУ.
– Наместо едноставно да им испратиме декларација на ЕУ или заедничка надворешна безбедносна политика, велејќи „потпишете го“, ние ги правиме дел од нашето размислување, дел од нашето одлучување – рече тој.
Никој не сака да плаќа субвенции за Украина?
Според Политико, главниот проблем се огромните земјоделски субвенции кои ЕУ ќе треба да ѝ ги плаќа на Украина.
Евтиниот извоз на жито од Украина може да ја преплави ЕУ и да ги „удави“ силно субвенционираните земјоделци од блокот. Полска и неколку други земји од ЕУ веќе ги затворија вратите за украинскиот извоз на жито, велејќи дека овој потег има за цел да ги заштити нивните земјоделци.
Франција и Германија не сакаат Полска и Украина да одлучуваат наместо нив
Втората грижа на Европа е тоа што центарот на Унијата ќе се помести на Исток. Украина заедно со Полска ќе имаат прилично одлучувачки број пратеници во Европарламентот. Тоа може да ја разблажи улогата на Германија и Франција во одлучувањето.
Ќе треба да се прибегне кон гласање со „квалификувано мнозинство“ за одлуките во надворешната политика.
Нов буџет, ревизии, правила…
Уште повеќе, тоа значи ревизија на Заедничката земјоделска политика на ЕУ и редизајнирање на буџетот.
– Она што го гледаме … е дека сегашната рамка, без разлика дали е буџетска или политика или процедури за донесување одлуки, не е соодветна за Европа со 30-ина членови – рече португалскиот министер за Европа, Тијаго Антунес.
– Понекогаш веќе е многу, многу тешко, како што знаете, со 27 – додава тој.
Малите земји ќе го изгубат трпението
На 5 октомври во Шпанија ќе продолжи дебатата за проширувањето. Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет и пропонентот на идејата тоа да се случи до 2030 година ќе се сретне со лидерите на ЕУ во мали групи за да ги слушне нивните ставови.
Политико ја цитира и изјавата на косовската претседателка Вјоса Османи, која поздравувајќи го фокусот кон проширувањето рече дека земјите не се подготвени вечно да чекаат ЕУ да одлучи.
– Тешко е да не бидете нетрпеливи, особено кога правите сè што ќе побарате од вас, а потоа ништо не се случува – рече таа.