Ниту сум била предавник, ниту ќе бидам, напиша пејачката Сузана Гавазова на својот профил на Фејсбук одговарајќи на критиките по нејзиниот настап на манифестацијата во Пеленица по повод Денот на независноста на Македонија, организиран од Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода. Фолк музичарите Благоја Грујовски и Сузана Гавазова се најдоа на мета на вербални напади и закани од наши иселеници во Австралија, објави Фокус.
„Ред е и јас да кажам за тоа што некој се обидува да ме ”уништи” со тоа што ме нарекува предавник, парољубец, пеам бугарски песни, пеам горански песни, српски, ромски, грчки. Само да знаете Македонија е срцето на Балканот и од овде сѐ треба да знае еден пејач. Не може да ме уништите кои и да сте…не се плашам од вас, мене народот ме сака затоа што сум направила добрини, правам и ќе правам. Срамота е што се обидувате на жени, мајки и пејачки кои го дале целиот живот за македонската песна така да пишувате и така да навредувате. Зошто не се обидете на маж така? Затоа што немате храброст па затоа удирате на жена!
Ниту сум ја предала Македонија, ниту сум ја украла, тој што ја предал нека му ја мисли, а и тој што ја украл рацете да му се исушат. Ви смета што пеам секакви песни, а не ви смета што браќата Срби ечат во Македонија“ – напиша Гавазова во својата реакција.
Музичарите кои се чести гости кај македонската диајспора, по настапот на настанот организиран од Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода, на социјалните мрежи добија пораки да не помислуваат повеќе да стапнат во Австралија.
„Ќе видите кога ќе ви дојде времето пак да печалите во дијаспората! Нема да стапнете повеќе тука, држете го СДС и другите кркачи!“ – пишува на страницата на Невладиното здружение Македонска Коалиција.