Фирмата „Еуровиа“, која е актуелна поради добиениот тендер од МНР за адаптација на салата „Борис Трајковски“, е една од домашните фирми ангажирани како подизведувачи од конзорциумот „Бехтел и Енка“ кои ќе работат на изведување на Коридорот 8.
„Еуровиа“, заедно со „АК инвест“ и „Стентон градба“ од утре ќе ја почнат изградбата на делницата Гостивар – Букојчани.
Овие три фирми подизведувачи се дел од најавените домашни компании на кои „Бехтел и Енка“ како изведувач им го има доверено извршувањето на дел од работите за почетокот на изградбата на најкомплицираната делница, која има и најмалку земјиште за експропријација.
„Еуровиа“ е фирмата која го доби тендерот за пренамена на спортскиот центар Борис Трајковски за конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ. Документите за тендерот се на разгледување во антикорупциската комисија и во јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, откако излезе информација дека фирмата донирала на владејачката ДУИ.
Името на тетовската „АК Инвест“ може да се види во „топ 10“ граджни компании кои во последните 15 години добивале државни пари преку тендери, но во последните шест години, компанијата на Азби Ибрахими ја нема во компаниите кои добиле најмногу пари од државата, а во последните 12 месеци има три активни договори добиени преку тендери.
Третата фирма подизведувач, битолската „Стентон градба“ заедно со „Еуровиа“, ја нема во „топ 10“ фирми кои добивале државни пари од тендери. Во последните 12 месеци има добиено 21 тендер, а сега, како подизведувач, ќе работи на изградба на делницата Госитвар – Букојчани“.
Како што е најавене, изградбата на делницата ќе почне утре, со минирање кај селото Дебреше.
фото: МИА